ОО на Црвен крст Охрид е активно вклучена во обезбедување помош на семејствата коишто бегајќи од војната во Украина доаѓаат во охридскиот регион.
Прифаќањето на овие лица се одвива според начини и постапки кое се дефинирани од Владата и со препораки коишто се добиени како насоки од Црвен Крст на Македонија, вели претседателот на охридскиот Црвен Крст, Сашо Точков.
Би сакал да апелирам до сите оние кои што познаваат лица избегани од Украина или семејствата коишто доаѓаат овде, да се пријават пред се во полиција, но и во Црвен Крст кадешто ќе добијат соодветни здравствени картони за бесплатни здравствени прегледи во јавните здравствени установи. Исто така ќе добијат насоки и инструкции за запишување на децата во образовниот систем во училиштата во Охрид, а секако ќе можат да добијат, доколку имаат потреба најразличен вид на помош во храна, средства за хигиена облека – истакна Точков.
Во евиденцијата на ОО Црвен Крст Охрид засега има регистрирано едно семејство со две деца кое пред 20-тина дена дошло од Украина, згрижено е во сместувачки капацитет и една жена која е сместена кај свои пријатели, а која имала потреба од помош која и била обезбедена.
Од Црвен Крст ги контактирале и семејството со три деца, кои избегало од Полтава и вчера пристигна во Охрид. Веќе денеска им е понудена помош од Црвен Крст, а организацијата бара начин да им се излезе во пресрет и во поглед на бесплатно сместување.
Ги охрабрувам сите наши сограѓани коишто можат да помогнат на било кој начин, да се обратат до Црвен Крст, дали за помош во храна, облека или сместување. Стоиме на располагање да ги поврземе со оние на кои им е потребна помошта. Секако дека ги користиме и нашите ресурси и капацитети од Црвен Крст за да излеземе во пресрет и да им го олесниме овој принуден престој во Охрид – вели Точков.
Хумани граѓани веќе се јавуваат во Црвен Крст и ги нудат своите сместувачки капацитети за бесплатен престој на лица бегалци од војната во Украина. Има и лица кои нудат ваучери за облека од некои од бутиците во Охрид, каде што ќе можат да се снабдат лицата со конфекција и обувки, информира Точков.