Се распаѓа чардакот и паѓаат делови од најстарата куќа во струшката чаршија. Пет години дел од сопствениците залудно бараат заштита и дозвола да интервенираат на објектот кој претставува сериозна опасност за минувачите.
Изградена пред 150 години, со автентични чардаци, сведок на старата градска архитектура, куќата е препознатлив топоним на градот Струга, но никој не презема мерки за заштита на вредното културно наследство. Поради нарушени имотно-правни односи, дел од сопствениците немаат пристап и не смеат да преземат градежни зафати.
Судот донесе одлука за итни санациони мерки за превенција од штета, но општината шест месеци не издава одобрение.
Еве веќе шест месеци се поминати, јас на неколку пати и усно побарав поактивно решавање на предметот по барањето за издавање на реконструкција со оглед на состојбата на објектот и потенцијалната опасност да пичини штета, но до денес немам добиено никаков одговор од страна на општина Струга по однос на ваквото мое барање – вели Глигор Ќато, еден од сопствениците на куќата.
Чардакот надвиснува, секој миг демне опасност куќата да се сруши и да ги повреди минувачите, сопствениците сами ставиле импровизирани ленти за заштита среде чаршија.
Јас бев оставен сам да се снаоѓам сношти и единствено што можев да направам е со лента за опасност да го обезбедам местото за да не минуваат минувачи, иако јас и моето семејство мора да поминеме таму, тоа ни е единствениот влез и излез на објектот во кој што домуваме. Практично сум оставен сам на себе да го решавам овој проблем, а сето тоа не е само на моја штета туку и на сите минувачи кои секојдневно минуваат таму – вели Ќато.
Согласно законот Општината е должна да интервенира на објектите кои се во распаѓање и претставуваат опасност за граѓаните или да ги задолжи сопствениците да ги санираат, или да го направи тоа на нивни товар.
Новинар : Соња Рилковска