Фотоволтаици и винарии ќе се градат во Дебрца
Завршената урбанизација за 10 села во општина Дебрца ќе овозможи изградба на стопански објекти. Наскоро се очекува изградба на фотоволтаичен систем, винарии и современ ладилник за откуп на земјоделски производи.
Фотоволтаиците ќе се градат на парцели во селата Злести и Горно и Долно Средоречие, потенцира Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца. Парцелите се во сопственост на државата, а со нив располага општината според Законот за градежно земјиште.
Деновиве ќе биде поднесено барање до Влада за добивање согласност за начинот на издавање на парцелите, дали ќе бидат дадени под закуп или ќе се оттуѓат. За изградба на вакви системи веќе пројавиле интерес домашни и странски инвеститори, укажува Ногачески.
Има интерес за изградба на фотонапонски централи на површина од 60 хектари, со можност за инсталирање на производство на струја од 40 мегавати. Тоа особено сега е важно во услови на енергетска криза, кога и државата дава приоритет за изградба на обновливи извори на енергија – рече Ногачески.
Градоначалникот Ногачески очекува побрз локален економски развој по завршување на долгиот процес на урбанизација на селата. Економскиот развој на општината е многу важен и за жителите и за заедницата. Салата на задружниот дом во селото Требеништа ќе биде пренаменета во корисен простор кој со години им е неопходен на производителите на зеленчук и овошје.
Според бизнис планот на инвеститорот во следните 10 години ќе треба да изгради современ откупен центар. Модерен дистрибутивен центар со ладилник кој е потребен за земјоделците од општина Дебрца – рече Ногачески.
Заинтересиран инвеститор има и за откуп на градежно земјиште во селото Мешеишта. Инвеститорот планира да инвестира во изградба на винарии. Со урбанизацијата е предвидено да се изградат 9 мали винарии.