Санација на плоштадот кај Мини маркет
Општина Охрид ќе ги санира оштетувањата на јавните добра и урбана опрема на повеќе локации меѓу кои и Плоштадот кај Мини маркет за чија запуштена состојба реагираа граѓаните преку рубриката „Ти си твојот град“ на ТВМ.
Граѓаните бараат санација на плоштадот
Службите на Општина Охрид извршиле увид и ја утврдиле состојбата во која се наоѓа плоштадот кај Мини маркет, како и пешачките патеки канал Студенчишта – хотел Парк, Лабино – Канео, Лабино – Воска – Даљан, детските и повеќенаменските игралишта на цела територија од Општината.
Врз основа на затекнатата состојба изготвиле план и утврдиле динамика за нивна санација. Од локалната велат дека зафатите за реконструкција ќе започнат од идната недела.
Покрај јавните површини, кои подолг временски период беа руинирани и запуштени, ќе се санираат и оштетувањата на делови од коловозот и тротоарите кои беа настанати во изминатиот период на улиците кои беа реконструирани пред околу една година, „15-ти Корпус“ и „Јане Сандански“.
Општина Охрид се договорила со изведувачот на градежните работи да се санираат сите пропусти во најкус можен рок и без дополнителен трошок за Локалната самоуправа.