Започнува борбата за Европа на ГРК Охрид
Започнува борбата за Европа за охридскиот градски ракометен клуб.
Ако нешто се знае во македонскиот ракометен плејоф е тоа дека првите две места се резервирани за Вардар и Пелистер. За останатите две места се борат четири екипи од кои во најдобра позиција е Бутел.
Токму овој противник е првата пречка за охриѓани која мора да се помине за да се одржат надежите дека европските купови не се невозможна мисија.
За нас добро познат противник со кого секогаш играме неизвесни и тврди натпревари. Мотивот и желбата за победа кај нас е голема. Добро се подготвуваме овој период како со видео анализи така и со тактичката поставеност и сметам дека сме подготвени да победиме. Ќе ни треба голема поддршка во сабота и оваа можност ја користам да ја повикам охридската публика и нашите верни Рибари да дојдат во што поголем број и да ни бидат ветер во грб – истакна Крсте Андоноски, ракометар на ГРК Охрид.
Во претходните дуели на овие две екипи најголем проблем за охридската одбрана претставува пикерскиот двоец Јефтиќ и Василески кои се детално анализирани на големиот број видео состаноци кои ги одржале играчите.
Атмосферата во екипата сеуште е на високо ниво иако за следната сезона најавени се неколку заминувања на чело со тренерот Стојановиќ.
Но, сите тие се професионалци кои го одработуваат договорот до крај и Охрид на секој натпревар оди на победа што значи и пласман во првата четворка, потенцира капитенот на охриѓани.
Не се откажуваме иако сме во мал хендикеп бидејќи не пренесовме бодови во плејофот. Освен Вардар и Пелистер, кои се на едно повисоко ниво, мислам дека другите екипи сме изедначени по квалитет и се може да се случи. Потребен ни е еден брејк односно победа на гости за да обезбедиме една од првите четири позиции, кои значат следната година играње во европските купови – вели Андоноски.
Натпреварот ГРК Охрид–РК Бутел е закажан за сабота во 18 часот, а влезницата е со симболична цена од 50 денари.