Повеќе туристи се очекуваат летово
Македонија е неоткриена дестинација за српските туристи сеуште, а во фокусот на интерес се Охрид и Скопје. Ова е заклучокот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот по завршување на Белградскиот саем. По пауза од две години од почетокот на пандемијата ова е прв саем на туризмот на кој се претставија македонските потенцијали, а очекувањата се големи, информира Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Туристичките работници покажуваат оптимизам за лето 2022.
Очекуваме сезоната 2022 да е поуспешна од 2021, да има зголемување на странските туристи од 20 до 30 посто и зголемување на ноќевањата кои треба да изнесуваат над 2,5 милиони. Ќе направиме чекор напред во стратешкото планирање на Агенцијата и туристичкиот сектор – вели Јаневски.
На врвот од остварените ноќевања и посетеност на земјава минатата година биле српските туристи покрај посетителите од традиционалните дестинации. И ова лето се очекува поголем број токму од традиционални туристи меѓу кои и србите. Иако туристичките работници полагаа надеж од поголема посетеност на туристи од Источно Европските земји, сега не се очекуваат гости од Украина и Русија заради воениот конфликт. Минатата година од овие две земји биле реализирани околу 2,5 проценти од вкупниот број остварени ноќевања. Поголем број туристи пак, се очекуваат од Полска.
Што се однесува до Полска очекувам да го достигнеме минатогодишниот број од 15.000, а да е и поголем од 20 до 30 посто. Нема откажување на посетите на нашата земја во 2022 од Полските туроператори – додава Јаневски.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најавуваат враќање на израелските гости по воспоставување на чартер линијата Телавив – Скопје. Работат на привлекување туристи од нови дестинации, но порачуваат дека е време за индивидуални промени во нашиот туристички сектор за да се следи новата реалност во туризмот.