Според новото научно истражување, снимките од Плутон направени од мисијата на НАСА „Нови хоризонти“ открија ново изненадување: ледени вулкани, јавува Си-Ен-Ен.
Најдовме поле со многу големи ледени вулкани кои не личат на ништо друго што сме го виделе во Сончевиот систем – рече Келси Сингер, виш научник во Југозападниот истражувачки институт во Колорадо.
Според Сингер, она што ги разликува овие ледени вулкани од другите во нашиот Сончев систем е фактот што тие немаат калдери на врвот што сугерира дека биле релативно активни неодамна.
Регионот на Плутон, каде што се пронајдени ледени вулкани, се наоѓа југозападно од ледената покривка Спутник Планитија. Таа покрива древен слив кој се протега во дијаметар од 1.000 километри, наведува Си-Ен-Ен.
Двата најголеми ледени вулкани се познати како Рајт Монс и Пикард Монс. Рајт Монс е висок четири до пет километри и зафаќа 150 квадратни километри. Пикард Монс достигнува околу седум километри во висина и 225 километри во ширина.
Рајт Монс се смета за сличен по волумен на вулканот Мауна Лоа на Хаваите, кој е еден од најголемите вулкани на Земјата.
На Плутон му беше доделен статус на џуџеста планета во 2006 година, кога Меѓународната астрономска унија создаде нова дефиниција за планета, а ова небесно тело не ги исполнуваше критериумите. Откривањето на овие ледени вулкани може да сугерира дека подземниот океан на Плутон сè уште постои и дека течната вода може да биде блиску до површината.
Бидејќи, според научниците, оваа џуџеста планета има потопла внатрешност отколку што се веруваше, наодите покренуваат интригантни прашања за потенцијалната населливост на ова небесно тело, според Си-Ен-Ен.
Студијата која ги детализира наодите беше објавена во вторникот во списанието Nature Communications.