Skip to main content

Општа болница Охрид

520 вработени, а само 70 лекари специјалисти

Болниците пренатрупани со немедицински и непотребен персонал. Во охридската болница има вкупно 520 вработени, од нив, само 70 се лекари специјалисти. Поради недостиг на финансии, последниве години лекарите не се праќаат на едукација во странство. Застарената опрема, условите за работа и ниските примања се причина што голем дел од специјалистите ја напуштаат државава.
 |  инфодеск  | 
општа болница Охрид

Здравствените институции пренатрупани со немедицински и непотребен персонал. Директорот на охридската болница д-р Балевски отворено кажува дека години наназад се примал непотребен персонал без медицинско образование, па токму затоа, болницата има недостиг од медицински сестри и лекари. Во охридската болница има вкупно 520 вработени од нив само 70 се лекари специјалисти. Има служби кои буквално за ништо не можете да ги искористите. Немедицински и неупотреблив персонал во здравствените установи во земјава е клучната причина за недостигот на лекари и медицински сестри, вели д-р Балевски.

„На седумдесет специјалисти можете да израчунате колку е другиот дел од вработени кои не ни требаат. Кризата покажа дека години наназад се примал персонал кој што не треба да е во општа болница Охрид, кој што нема медицинско образование. Нас ни требаат сестри, лекари и тие неколку во администрација, другите не ни требаат. Имаме еден тон такви служби кои за ништо не можете да ги искористите. Која власт како се менувала примила што треба и што не треба. Тоа го покажа кризата. Сега да имаме конкурс, треба сите сестри и доктори од трите болници во Охрид до еден да ги примиме. Ние сме три установи и секаде фалат и сестри и доктори“ – вели Горан Балевски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Поради недостиг на финансии, лекарите не се праќаат на едукација во странство. Застарената опрема, условите за работа и ниските примања се причина што голем дел од специјалистите ја напуштаат државата.

„Три години немаме доктор пратено на едукација. Ниеден доктор не отишол да се едуцира за некоја нова метода. Немаме пари, ниту можност, за да пуштиме. А, доколку три години лекарот не се едуцирал некаде, исто е како да не завршил медицина, која оди се понапред и се менува. Опрема, кадар протокли. и да одат во странство да завршат специјализација што ќе прават во Охрид. Ќе завршат најмодерна специјализација и кога ќе дојдат тука ехото е 30 години старо и затоа си заминуваат и јас да сум ќе си заминам. Да сум млад лекар со сите десетки никогаш тука не би работел“ – смета д-р Балески.

Голем број специјалисти лекари од охридско струшкиот регон својата кариера и успеси ги градат во развиените земји ширум светот.

Новинар Соња Рилковска