Skip to main content

Министерство за финансии

Нов повик за проектот Купи куќа, купи стан

Граѓаните и во 2022 година ќе имаат можност да добијат поддршка за станбен кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“.
 |  инфодеск  | 
Купи куќа купи стан

Министерството за финансии ќе објави нов повик за проектот „Купи куќа, купи стан”. Заинтересираните граѓани ќе може да аплицираат за субвенциониран кредит за обезбедување свој нов дом.

Можат да изберат една од двете варијанти за субвенции на рата или за субвенционирање на учеството за купување стан или изградба на куќа во деловните банки кои се дел од проектот „Купи куќа, купи стан”.

Купи куќа купи стан

Досега се одобрени вкупно 2.010 барања за субвенциониран стабен кредит, во вкупен износ од над 73 милиони евра, за кои одобрените субвенции се во износ од 18,3 милиони евра.

Проектот „Купи куќа, купи стан” се реализира согласно Законот за субвенционирање на станбен кредит, со неколку измени во критериумите, со цел да се помогнат семејствата, особено младите, да го решат сопственото станбено прашање.

Каматната стапка во првите три години од реализација на проектот изнесуваше 4,99%, а по истекот на периодот од три години, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу за 10%. Потоа, се унапредија условите за обезбедување на сопствен дом, а најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит – велат од министерството.

Со реализацијата на проектот се постигна значајно унапредување на станбеното кредитирање и од страна на комерцијалните банки кои денес нудат станбени кредити со рекордно ниски камати и многу поволни услови.

Дополнително и периодот на фиксната каматна стапка која пред десеттина години беше од една до две години, сега изнесува до десет години. Имајќи го предвид тоа, целта на проектот е постигната и многу граѓани го решија сопственото станбено прашање. Согласно усвоената информација на Владата, јавниот повик кој ќе биде објавен за 2022 година, ќе биде воедно и последниот објавен повик во рамки на Проектот „Купи куќа, купи стан – нагласува Министерството за финансии.