Вучиќ и Орбан ќе „возат“ уште по еден мандат
Лидерите на Србија и на Унгарија, Александар Вучиќ и Виктор Орбан победија на изборите во своите земји. Сега ќе „возат“ уште по еден мандат.
Александар Вучиќ на вчерашните избори успеа да освои 2 милиони 240 илјади гласови или 3 ипол пати повеќе од неговиот главен опозиционен против кандиадат Здравко Понош. Невладината организација со седиште во Србија, која ги набљудува парламентарните избори, ЦЕСИД, соопшти дека српскиот претседател Александар Вучиќ, во првиот круг од претседателските избори освоил уште еден петгодишен мандат, а неговата Српска напредна странка СНС освоила најмногу гласови на парламентарните избори и повторно ќе доминираат во парламентот од 250 места. Вучиќ е претседател од 2017 година, а претходно беше премиер. Неговата партија е на власт од 2012 година.
Тој рече дека на изборите излегле над 3,8 милиони гласачи, што е најголема излезност во последно време и дека „освен бесмислените тензии“ сè поминало во најдобар ред и мир.
Партијата на Вучиќ, СНС извојува убедлива победа и на парламентарните избори. Според проекциите на „ИПСОС“ и ЦЕСИД, СНС ќе има 122 мандати, СПС на Ивица Дачиќ 32 мандати, Обединети за победа на Србија на Ѓилас, 36 мандати, коалиција Нада 15 мандати.
И унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан прогласи победа на парламентарните избори во неделата.Орбан, кој е на власт од 2010 година, освои четврти мандат на чело на унгарската влада. Опкружен со водечки партиски членови, Виктор Орбан рече дека победиле на изборите и покрај сите лоши изгледи.
„Постигнавме победа толку голема што може да се види дури и од Месечината“, рече тој.
Прелиминарните резултати по 98 отсто пребројани гласови на националните партиски листи покажаа дека партијата Фидес на Орбан води со 53,1 отсто од гласовите, наспроти 35 отсто за шестпартиската опозициска алијанса на Питер Марки-Зај. Фидес има предност и во 88 од 106-те изборни единици во кои се избира по еден пратеник.Во својот победнички говор Орбан го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и бирократите од Брисел, нарекувајќи ги „противници“, пренесува Би-би-си.