Разговор најбарана услуга во Нега центарот
Во охридскиот Нега центар има осум обучени негуватели. Од неодамна, во ОО ЦК работи центарот со сертифицирани негуватели. Цените на пакет услугите се дефинирани на ниво на Републичкиот Црвен крст и според потребите на барателите. Досегашното искуство од Нега центарот покажува дека во Охрид има се повеќе повозрасни граѓани кои живеат сами, а се поголема е побарувачката од негуватели кои помагаат во домашни услови, кажува Сашо Точков, претседател на ОО ЦК.
„Услуги што и досега ги нудевме со групата за поддршка на стари лица, а тоа се посети и јавување на граѓани на возраст преку 60 години. Има најразлични потреби, неподвижни луѓе на кои им е потребно да се избањаат, да им се помогне да се придвижат во просторот, да добијат терапија. Има најразлични барања со кои можеме да им излеземе во пресрет“ – изјави Точков.
За потребите на Нега центарот од ОО ЦК спроведуваат обуки за нови негуватели. Во тек се подготовките за негуватели, а за скоро ќе следува обука и за лични асистенти за лица со хендикеп.
„До крај на април ќе имаме на располагање од 25 до 30 негуватели за да ги задоволиме потребите. Следува обука за лични асистенти за лица со хендикеп“– информира Точков.
Граѓаните кои имаат потреба од услуги од сертифицирани негуватели може да се обратат во ОО ЦК. Услугите се даваат според распоред на негувателите кои се ангажираат од Нега центарот.