Skip to main content

Попис 2021

Сонот за поубав живот го празни градот на мостовите

Струга трет град во земјава кој изгубил најмногу население во изминативе две децении. Тоа го покажува споредбата на податоците од пописот на вкупното население преброено во 2002 и резидентно население преброено минатата година.
 |  инфодеск  | 
Струга град на мостови

Во 2021 година Струга има 12.396 жители помалку или населението се намалило за скоро 20%, односно денес општината брои 50.980 жители.

Според граѓаните прчината за ваквите поразителни бројки е масовното иселувањето на младите.

„Криза е нема вработувања, печалбарите повеќе се надвор. Не прават како порано деца по 5- 6, раѓаат по едно бидејќи треба егзистенција да се обезбеди. Требаат пари, плата, вработување“ – вели еден стружанец.

„Луѓето не сакаат да седат овде, имигрираат во западните држави за подобар живот. Се надеваме во иднина да се промени овој тренд. Но, ако продолжи вака, бројките ќе се уште пострашни“- вели друг стружанец.

Според активистите, бројките во пописот се нереални, бидејќи наспроти намалувањето на населението има пораст на домаќинства и станови.

„Од друга страна имаме зголемување на домаќинствата за 121 и имаме станови околу 4000 новоизграден. На што се должи тоа, навистина не знам. Ако навистина е такво иселувањето, тогаш и овие бројки треба да бидат во сериозна стагнција“- вели Никола Кукунешоски актвист од Струга.

Сонот за поубав и посреќен живот го празни градот на мостовите. Голем е бројот, претежно млади луѓе, кои последниве години го напуштија родното живеалиште. Најпосакувани земји каде заминуваат се Италија, Австрија, Германија и Швајцарија.

Новинар Соња Рилковска