Дали е ова најубавата верзија на Ако одам во Битола?
Промовирана новата преработка на песната „Ако одам во Битола“ на авторот Петар Георгиевски-Калица. Оваа песна за многумина е една од најубавите во која се опејува Битола, а припаѓа на поновата музичка историја.
Музичката преработка ја направи маестро Благојче Трајковски, ја отпеа Димитар Андоновски, сето тоа надополнето со звуците на харфата на Сара Мејс. Во придружба на групата “Фонтана“ од Битола и Камерниот оркестар на Битола.
Песната е напишана во 1989 година, а да се преработи оваа песна значи вложување на големо музичко искуство, посебна емоција и љубов кон Битола.
Да се биде дел од овој проект за мене значеше многу. И како уметник и како битолчанец. Да ја отпеете песната која се пее насекаде, не е лесна задача. Одговорноста е поинаква кога пред Вас тоа го правеле други. Ние внесовме многу емоции во текот на целиот процес. Многу љубов за песната и за Битола. Мислам дека тоа е повеќе од видливо, а вие како публика тоа најдобро ќе го процените – вели Димитар Андоновски.
Според кажувањето на самиот Калица, иако со години се подготвувал да ја напише оваа песна, ја создал само за пет минути. Првпат била испеана на „Фолк-фест Валандово“, во изведба на октетот „Македонија“ и ја добила третата награда од жирито, но таа награда станала далеку поголема со славата која песната по тој фестивал ја доживува.
Композиторот беше присутен во публиката и доби долг аплауз со овации при неговото појавување на сцената.
Во продолжение слушнете ја нивната изведба.