Skip to main content

Воена криза

Зеленски се обрати пред Советот за безбедност на ОН

Во своето прво обраќање пред Советот за безбедност на ОН, украинскиот претседател Зеленски повика на итно дејствување кон оние што давале криминални наредби за извршување на злосторствата во Буча. По информациите за убиваните цивили во градот, ЕУ најави нови санкции кон Русија.
 |  инфодеск  | 
Совет на ОН

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред Советот за безбедност на ОН, при што на самиот почеток рече дека говори во име на жртвите на руската инвазија.

Говорејќи пред Советот за прв пат откако Русија ја нападна Украина, тој рече дека руските војници убивале цивили и силувале жени, при што ја обвини Русија за геноцид.

Започна од Буча и потоа ги набројуваше злосторствата за кои тврди дека руските сили ги извршиле за време на инвазијата.

Зеленски тврди дека луѓето биле убивани на улица, во нивните домови, фрлани во бунари и газени од тенкови на сред пат „само од задоволство“, за што прстот го посочи кон руските војници.

Според него дејствата на Русите наликуваат на терористичката група Исламска држава. Тој вели дека пропагандата на Путин се обидува да ја „извезе“ сопствената омраза во други земји надвор од Украина.

Каде е обезбедувањето што треба да го испорача Советот за безбедност. Каде е мирот? Каде се тие гаранции што ОН треба да ги гарантираат? – праша Зеленски.

Претседателот Зеленски бара Русија да се соочи со одговорност, велејќи дека треба да биде изведена пред меѓународен трибунал сличен на оној во Нирнберг по Втората светска војна.

Масакрот во Буча е само еден пример за многу од она што Русија го правеше во изминатите 41 дена – вели Зеленски.

Тој го повика Советот да ја исфрли Русија од Советот за безбедност.

Зеленски упати и критики кон Советот за безбедност, истакнувајќи дека ако не може да најде начин да помогне да се запрат акциите на Русија во Украина, тој треба да се „распушти“.

Неговиот говор беше поздравен со аплауз, а беше емитувано и видео од Украина. На видео-снимката се прикажуваа фотграфии на мртви Украинци вклучувајќи изгорени и изобличени тела.