Skip to main content

Празници

Денес се слави Свето Благовештение или Благовец

Денес православните христијани го слават празникот Свето Благовештение или Благовец. Во Охрид на Благовец луѓето саделе тикви.
Празникот Свето Благовештение или Благовец

Празникот Свето Благовештение или Благовец се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април.

Неговото народно именување е Благовец, Благоец, Блошчојне, Благостене, Благовден, Половина Велигден, Блошчење, Кукувден. Свето Благовештение е Богородичен празник, односно еден од празниците посветени на Пресвета Богородица. Тие се поврзани со животот на Божјата Мајка, но и со самиот Исус Христос и затоа се смета за двоен празник: Господов и Богородичен. Господов, бидејќи на овој ден Господ Исус Христос се воплотил – зачнал, а Богородичен, бидејќи Богородица станала Божја мајка. Овој ден се смета и за ден на мајките, затоа што Богомајката Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки. Тоа е ден на мајката која дала нов живот. Тогаш децата и благодарат на мајката, ја гушкаат и и даваат дарови во знак на љубов, почит и внимание. Мајките, пак, ги благословуваат децата и тие да имаат свои рожби и радости.
Историја и обичаи.

На Празникот Свето Благовештение или Благовец Гаврил се јави во архангелска светлина и ѝ рекол на Марија дека е одредена од Бога да го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.

Легендата вели дека еднаш кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека „Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот: „Радувај се благодетна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените; и ете ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш син и ќе го крстиш со името Исус. Он ќе биде голем и ќе се нарече син на Севишниот и ќе му го даде Господ Бог престолот од неговиот татко Давида и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството негово нема да има крај“.

Поради тоа, Празникот Свето Благовештение или Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот и други. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Исто така, се верува дека ако наутро гладен како што се вели на гладно срце слушнеш некоја од овие птици ќе те разбие и не ќе имаш напредок во годината. Затоа луѓето веднаш по станувањето каснувале барем еден залак леб. На Благовец саделе тикви зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи. Во некои краишта, овој ден се поврзува со излегувањето на змиите од дупките при што се верува дека змиите никогаш не касаат на Благовец.

Во Радовишко на Празникот Свето Благовештение или Благовец ако луѓето ја чуеле кукавицата откако нешто ќе каснеле сметале дека тие ја „пребиле“ па трипати ќе и викнеле: „Чух те -пребих те”. Во Дебрца ако некого го разбила кукавицата на Благовец, тој и враќал на Ѓурѓовден, кога ќе излезел пред сонце над селото и трипати ќе и викнел: „Куку, куку, кукајце, кукајце, ти мене ме разби, сега јас те разбив“…. Во Тетовско на овој ден на девојчињата им се дупнуваат ушите и се ставаат првите обетки. Според верување, со ова се намалува болката, т.е. таа е блага.

Кузман Шапкарев забележал дека во Охрид на Благовец саделе тикви, зошто верувале дека тиквите садени на овој ден ќе бидат многу благи, додека пак Ефтим Спространов забележал дека во Охрид се сметало за греота ако човек не касне риба на тој ден, макар да излижат некоја коска, ама „да се облажет со рибино“. Воопшто, иако овој празник се наоѓа на крајот од Велигденските пости, на овој ден е дозволено и препорачливо да се јаде рибино месо. Некаде, тоа се правело за здравје, а на други места, сиромашните купувале риба за да си дозволат богата трпеза на овој ден. Во Виница на овој ден традиционално се одржува фестивалот на медот.