Skip to main content

Попис 2021

Охрид старее и се празни

Пописот покажа дека Охрид изгубил најголем дел од младата популација. Според резултатите од пописот лани, денес најбројна е возрасната група на население од 60 до 69 години, за разлика од пред две децении, кога најбројна категорија биле младите од 20 до 24 години.
 |  инфодеск  | 
охридско крајбрежје кај пристаниште

Резултатите од пописот покажаа дека во Охрид најголемо намалување има на младата популација. Во пописот направен лани најголемиот број на население припаѓа на возрасната група од 60-64 години, односно 3.929 лица, а веднаш зад оваа категорија е возрасната група од 65-69 години, односно 3.719 лица.

За споредба, на пописот од 2002 година најбројна била возрасната група од 20-24 години, односно 4.501 лице, за разлика од 2021 година кога оваа возрасна категорија е преполовена, т.е. брои 2.632 лица.

Причината е иселувањето кое се должи на економските предизвици, недоволно работни места и ниските примања. Младите најчесто заминуваат во западно европските земји.

„Има иселување, младите сите бегаат, сите што заминале на студии сакаат да останат во Скопје, Словенија, странство. Ретко кој се враќа во Охрид. Сите сакаат да се вратат, но нема вработување. Буквално нема нишо. Само врски партиски, кој ќе се вработи овде што завршил факултет. И син ми студира во Скопје, но не знам што ќе биде, дали ќе се врати во Охрид“ – вели еден наш сограѓанин.

„Проблемите со вработување и сите други проблеми, трендот продолжува, луѓетото се иселуваат. Најтрагично е што и постарите не ја гледаат веќе тука својата иднина, се иселуваат цели семејства“ – вели друг охриѓанец.

Од година во година се намалува бројот на ученици и студенти. Власта мора да работи на мерки за задржување на младата популација во државата.

„Младата популација која се отселува практично под наплив на тежнеењето да се врзе за семејството и сите заедно да одат, тоа се одрзува на бројот на ученици во основните и средните училишта и јасно на високото образование. Сега на потег се властите, да се подобрат моментите на квлитетот на живот. Тоа подразбира отворање на работни места, субвенционирање, заштита на женската популација посебно таа родова еднаквост“ – вели професорот Науме Мариноски.

Според пописот, денес, Охрид брои 51.428 жители, односно, 4.321 лице помалку споредбено со пописот пред речиси две децении, кога бројот на вкупно запишани граѓани изнесуваше 55.749.

Новинар Соња Рилковска