Жените важна алка во Македонскиот туризам
Охриѓанките Данче Наумовска, Даниела Сакова и Виолета Цепенковска учествуваа на првата конференција Хероини во туризмот во Скопје. Во организација на Асоцијацијата „Хероини на туризмот“ беа дел со своите бизниси кои се дел од туристичката понуда во Охрид. Вредните раце на Наумовска создаваат уметнички дела, предмети и накит од бакар, Сакова е туристички водич, а Цепенковска претставник на традиционална, охридска гостинска традиција во угостителскиот објект Форт кафе. Данче Наумовска ги сподели своите впечатоци од конференцијата која има за цел да ги мотивира и поврзува жените кои со нивната работа и занаети се многу важна алка во Македонскиот туризам.
„Ние сме битен елемент на туризмот. Не сме најважен дел, секако се важни хотелите и сместувањето, но и ние како спореден дел ја претставуваме културата и традицијата на Македонија. Во нашето општество има жени кои се занимаваат со рачна изработка како мене, изработка на носии, традиционална храна, со етно предмети кои се подзаборавени, а се добра понуда за туристите“– рече Наумовска.
Жените хероини во туризмот споделија сопствени професионални искуства. Тие создаваат производи со којшто ги презентираат нашите Македонски вредности. Од нивните приказни се гледа голема сила и храброст, истрајност на трнливиот пат до успехот и остварените цели, раскажува Наумовска која 2 децении создава бакарна бајка во охридската чаршија со своите занаетчиски вештини.
„Не е најважен само Охрид, туризмот може да се развива и на други места. Сите тие жени, со нивните реални приказни се фасцинантни и за поздравување. Да се воодушеви човек колку успеале, вложиле, биле храбри и упорни да го постигнат тоа што го работат денес“– сподели Наумовска.
На конференцијата Хероини на туризмот учествуваа околу 200 жени од разни делови на Македонија. Жените се претставија со различни занаетите и бизниси кои ги прават интересни за туристичките посетители, а исто така, им се отвора и можност да ги продаваат своите производи надвор од Македонија.