Skip to main content

Тридневен семинар во Охрид

Напредна академија за лидерство 2022

Во хотелот Милениум Палас во Охрид започна првиот дел од тридневниот семинар, “Напредна академија за лидерство 2022“, под покровителство на Советот на Европа.
 |  инфодеск  | 
Семинар лидерство

Започна првиот дел од тридневниот семинар, “Напредна академија за лидерство 2022“, во организација на Германската политичка фондација “Ханс Зајдел“ и фондацијата “Балкан нет“, под покровителство на Советот на Европа. Програмата на семинарот е интерактивна обука, посветена на градоначалници, општински лидери и раководители на сектори во општините.

На семинарот учествуваат претставници од Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија. Пред учесниците на семинарот се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

За да изградиме стабилни и просперитени земји, исклучително ни се важни локалните самоуправи, како еден од најважните столбови на непосредно одлучување на граѓаните и темел на модерната демократија. Се разбира дека тука има голем простор за натамошно учење и усовршување на сите инволвирани во носењето на одлуките, креирањето на правилни политики и постигнување на оптимални резултати – истакна во дел од своето обраќање, градоначалникот Пецаков.

Семинар лидерство

Програмата на семинарот првенствено е фокусирана на три области: развој и подобрување на индивидуалните лидерски вештини, вовед во техники неопходни за управување со луѓе и организации, како и вовед во развивањето, планирањето и разбирањето на меѓународните проекти и програми.

Првиот дел од семинарот се одржува во хотел Милениум Палас во Охрид, а вториот дел ќе се одржи во текот на месец јули во Банско, Република Бугарија.