Skip to main content

АКВА: Јавното осветлување, легален грабеж на стружани

Легален грабеж преку наплатата за јавното осветлување во Струга. Од џебот на граѓаните, преку јавното осветлување, до приватна корист. Ваквите обвинувања доаѓаат од здружението АКВА, кое денес излезе со информации и печатен материјал од нивното истражување за уличното осветлување во градот.

 |  Николоска Биљана  | 

Здружението АКВА објави податоци за јавното осветлување во Струга и околината. Според резултатите од последното јавно истражување, претседателот на здружението АКВА, Димитрија Голабоски објави информации со кои тврди дека на стружани им се случува легален грабеж со уличното осветлување, како резултат на штетниот договор, кој претходната локална власт го склучи со приватниот партнер. Како што речеГолабоски, со цел да се утврди  која е потребата за склучување договор и префрлање на правата и обврските за осветлување на приватен партнер, направиле акција во која нивните волонтери светилките од 52 населени места ги претставиле на мапа.

„Целта на договорот, кој што беше склучен за врме на претходната Локална власт, а кој како проблем се пренесе и врз следнава Локална власт, со оваа акција ни стана појасна…… Целта е како  приватната фирма  да оствари што поголем профит. Што тоа значи? – Просто , ако ние преку сметките за електрична енергија плаќаме 140 денари како комунална такса за улично осветлување, скоро 50 денари одат во приватни џебови“ – вели Голабоски.

Оваа изјава од Голабовски е поткрепена со финансиската проекција на здружението Аква која изгледа вака:
Годишниот приход, кој приватниот партнер го инкасира од граѓаните преку ставката за јавно осветлување во сметките за електрична енергија изнесува околу 35 милиони денари.
Од нив, како годишен расход се:
– 20 милиони денари за потрошена електрична енергија,
– 3 милиони денари исплата на инвестицијата и
– околу 1.600.000 денари  за поправки и тековно одржување.
Што значи, според нивната проекција, остануваат 10 милиони денари или околу 160 илјади евра како годишен профит за приватната фирма, нагласува Голабоски.
Тој убедува дека приватниот партнер до 2024 година, кога му истекува договорот, според оваа математика, ќе заработи 2 милиони евра. Ваквата математика на здружението АКВА доставена е и до локалната власт во Струга, вели Голабоски.

„Нашава активност е многу добра основа која што понатака може да се визуелизира на веб страницата може да се направи како мобилна апликација. Така да имаме добра основа во однос на уличното осветлување за и понатамошно модернизирање, односно доближување до граѓаните и пријавување на некои дефекти дури и преку мобилна апликација“

Голабоски смета дека со нивните информации, кои веќе се презентирани и на целокупната струшка јавност,  постои основа за да може да се разговара за одредени измени во договорот. Тоа би било во интерес на граѓаните, односно граѓаните да добиваат онолку колку што плаќаат за јавно осветлување. Со други зборови, не ново освелување на стари бандери и канделабри, туку ново осветлување на нова и модерна инфрасруктура.

{loadposition content9}