Skip to main content

Ангел Карали и Бојан Спасеноски победници на натпреварот за „Најдобар младински бизнис план’

Проектот „Yes team for the win¨ во организација на Младинскиот образовен форум беше таргетиран кон младите луѓе со цел да ја пополни празнината, да придонесе за развивање практични вештини и применливо знаење.

 |   | 

Беа формирани три младински клубови во градовите Штип, Охрид и Гостивар, каде членуваа средношколци од стручни училишта кои беа менторирани и подучувани за претприемништвото од македонски експерти во различни категории. Идејата на младите Карали и Спасеноски претставува иновативна автоперална која преку мобилна апликација овозможува да се направи нарачка за чистење на автомобил, кој вработените ќе го преземат и ќе го вратат назад. Велат дека идејата им дошла спонтано и дека навистина им е потребна поддршка на младите за реализирање на нивните идеи.

„Ова е голем поттик и мотивација за мене за да продолжам со идеи, со нови работи.Прво бевме на предавања од МОФ за претрпиемништво, па на крајот на тие предавања имаше натпревар за креирање бизнис план, а идејата дојде наеднаш како светулка. Моите идни планови се ова да го реализираме, да започнеме веќе со работа“ -истакна младиот иноватор Бојан Спасеноски. „Голем напредок за мене, бидејќи досега се што сум смислувал и што сум креирал било само како идеја, а сега и попрофесионални луѓе ни утврдија и ни кажаа дека има логика тоа што го правиме.Мислам дека е малку потешко во нашава држава да се реализираат некои планови, но со помош на вакви организации би можело дел од работите да се реализираат“– рече Ангел Карали. Еден од менторите, воедно и член на жири комисијата беше и Горјан Јованоски, креаторот на „ Мој воздух“ кој беше прогласен за најдобар светски млад иноватор. Јованоски вели дека претприемништвото е нов тренд што полека доаѓа кај нас и ги поддржува ваквите настани кои се со цел да ги подучат младите луѓе дури и како да отворат свој бизнис од мали нозе. Во однос на победничкиот проект на Ангел и Бојан, Јованоски вели дека станува збор за една прекрасна идеја и ги охрабри да продолжат со нејзино развивање.

„Проектот беше супер. Мислам дека сите тројца од жири комисијата навистина имавме прекрасни забелешки, позитивни забелешки кон проектот, поради тоа што вклучуваше иновација во веќе постоечка индустрија. Автопералните верувам дека сите ги користиме што имаме автомобили и знаеме и дека целиот процес на носење на возилото до автоперална, земање на возилото назад, чекање, колку време ќе трае тоа секако е задача која што ни одзема време и не е најзабавната што може да биде но, идејата што Ангел и Бојан ја имаа беше прекрасна бидејќи едноставно го скратуваат тој дел каде што ние треба да ги носиме и земаме возилата, туку тие го прават тоа за нас со цел ние да може да се посветиме на нашите работни задачи, на пријателите, на семејството или што и друго да би имале во денот, така што идејата им е прекрасна и искрено ги охрабрувам да продолжат понатаму со нејзиното развивање.“ – истакнува Горјан Јованоски – член на жири комисија Јованоски вели дека Македонија како држава нуди можности за создавање на сопствен бизнис и развивање на претприемништвото и треба на младите да продолжат да им се овозможуваат можности за развивање на сопствени идеи.

Македонија е држава која што навистина е погодна за започнување на сопствен бизнис. Мал пазар сме, го разбираме пазарот и лесно може да ги испробуваме идеите и да видиме дали би биле или не би биле интересни за луѓето. Доколку идејата овде успее, многу полесно е понатаму да се прошири таа идеја низ балканот, низ Европа па се надевам и глобално. Трендот на задржување на младите мислам дека треба да продолжи, да им овозможиме можности како тие преку вакви проекти дури и преку државните институции како фондот за иновации и технолошки развој да може да продолжат понатаму со развивање на сопствени бизнис идеи, а се надеваме да го таргетираат и странскиот пазар, а сепак да останат тука кај нас“ , рече Горјан Јованоски.

На настанот беа наградени три од пет бизнис планови. Втората награда ја доби Гордана Петковска, а третата награда замина во рацете на Драгана Коруноска и Бојана Коцоска за идејата за поставување на станици за полнење на електрични тротинети кои би биле поставени низ градот Охрид.