Skip to main content

Богата програма

Поетска ноќ во Велестово

На неколку локации во Велестово и Охрид, од 19-ти до 21-ви август ќе се одржи 34-тото издание на Поетска ноќ во Велестово.
 |  инфодеск  | 
Поетска ноќ во Велестово

Од 19-ти до 21-ви август, ќе се одржи 34-тото издание на Поетска ноќ во Велестово.

Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно, за подигање на свеста за екологијата.

Официјално, програмата ќе започне во петок, на 19 август од 21 часот, традиционално во Велестово на средсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска.

За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а специјални гости и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55-та Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

од 22:00 часот, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов ‒ „Плачот на Адам“.

Програмата продолжува на 20-ти август со проектот „OH READ ‒ Поетски викенд и работилница за млади од регионот“, од 11:00 часот во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ и за други заинтересирани млади од регионот.

Искуствата ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија).

Истиот ден, од 18:00 часот во кафе и бар „Шила“ ќе се одржи и интернационалното поетско читање на кое ќе настапат споменатите поети од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка Џикова (Македонија) и Зоран Јакимоски (Македонија).

Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи.

Фестивалот ќе заврши во недела, на 21-ви август со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ Залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“.

Ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, во насока на подигнување на свеста за екологијата.

Извор/ОхридПрес