Skip to main content

Влатко Милошевски, Македонец кој живее во Холандија создаде веб страница каде претстави 250 странски сликари кои твореле инспирарани од Македонија

Лексиконот содржи слики и фотографии со непроценлива вредност од периодот од 1850-тата до 1950-тата година. Колекционерот на уметнички дела работел на собирање на материјалот 15 години.

 |  Валентина Неловска  | 

Влатко Милошевски, инженер по електротехника кој живее во Холандија неодамна на интернет објави Лексикон на странски сликари кои биле инспирирани во творештвото од престојот во  Македонија. Создал веб страна „Лексикон на странски сликари во Македонија од 1850 до 1950 година“. Може да се види  обемен материјал со уметнички дела кој го собирал 15 години и содржи податоци за над 250 уметници. Во неговата збирка се застапени уметници од западноевропските земји меѓу кои Велика Британија и Германија, но и од балканските простори.

„Она што најмногу ги воодушевувало и привлекувало странските сликари да дојдат во Македонија е уникатната мешавина на култури, јазици и религии на еден мал простор. И биле воодушевени како таа мешавина на бои и на јазици функционира беспрекорно“.

Во Македонија во периодот од 1850-тата до 1950-тата година доаѓале патеписци, поети, сликари и авантуристи како дел од експедиции за откривање на нова непозната територија.На почетокот од 20 век, за нив инспирација биле и македонските комити. Пример за тоа е доаѓањето на Вилијам Мод, воен сликар, од британското воено известување кој што се запознава со Мис Стон.

Интересен е еден мал детал од еден друг германски сликар кој што користел морзеова азбука и тајно ги кодирал пораките скриени во османската калиграфија или македонските везови и така тие пораки ги праќал или дома кон фамилијата или кон германските единици за да пренесат каде се наоѓаат одредени единици“.

Влатко Милошевски има желба неговата уметничка колекција да ја донесе во родната земја и во Охрид. Колекцијата содржи слики и фотографии од непроценлива вредност и ќе биде можност на тој начин историјата на овие простори да ја видат и македонските граѓани и странските туристи.