Skip to main content

Поема коњски житија

Зоран Анчевски добитник на наградата Григор Прличев

Од 11-те пристигнати на Конкурсот распишан од НУ Центар за култура „Григор Прличев“, жири комисијата едногласно ја одбра поемата „Коњски житија“.
 |  инфодеск  | 
Зоран Анчевски

Зоран Анчевски, познат македонски поет и преведувач е автор на поемата „Коњски житија“ која е добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во ракопис за 2022 година.

Од 11-те пристигнати на Конкурсот распишан од НУ Центар за култура „Григор Прличев“, жири комисијата едногласно ја одбра поемата „Коњски житија“.

Потребна е поширока популаризација во однос на промоција на изданието на добитничката поема освен во Охрид, таа да се прошири и во други градови на државата. Притоа, констатирано е дека некои од поемите се поднесувани во тек на повеќе години наназад, што во иднина би требало да се ограничи како можност во самиот Правилник, укажувајќи на креативноста како актуелен чин. Би било добро заради континуитет во однос на сознанијата во врска со квалитетот и објективноста на пристигнатите материјали, по еден член од старата Комисија, да биде дел и од работата на новоизбраното жири – велат од жири комисијата.

Зоран Анчевски

Комисијата се надева дека годинава ќе придонесе за поголема популаризација на настанот, поттикнато од изборот и квалитетот на овогодинешната најдобра поема за 2022 година.

Зоран Анчевски е поет, универзитетски професор, преведувач, есеист. Има објавено осум поетски збирки што се одлично примени од критиката, високо оценети и наградено со различни награди во земјата и во странство, како што се наградата „Студентски збор“ за најдобра дебитантска книга (1984), меѓународната награда „Џакомо Леопарди“ во Италија (2004), највисоката национална награда за поезија „Браќа Миладиновци“ на СВП за Небесна пантомима, како најдобра поетска книга во 2018 година и др.. Исто така има објавено голем број есеи, критички осврти, и студија од доменот на книжевната теорија, За традицијата (2007). Приредил и превел на англиски јазик неколку антологиски избори македонска поезија и куса проза, а речиси да нема позначаен македонски или англо-американски поет што го не го превел на македонски или на англиски јазик. За неговата преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Григор Прличев“ (2001). Избори од неговата поезија се преведени и објавени на над дваесет јазици во бројни и значајни странски списанија и антологии. Неговите Избрани песни на македонски и англиски јазик се објавени во 2011 година. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН центар и негов актуелен претседател, а раководел и со УО на СВП (2002-2007). Живее и работи во Скопје, Р. Македонија.