Skip to main content

Манипулација со бројките на објавите на СДСМ на „Фејсбук“

Го рецензираме текстот објавен на Курир, на 4 јули, годинава со наслов „ФОТО: СДСМ троши 27.000 евра дневно за реклами на Фејсбук“ во кој се тврди дека партијата на власт троши огромни суми на пари за спонзорирани објави на оваа социјална мрежа. Според насловот на веста на Курир, СДСМ трошел дневно по 27 илјади евра додека според објавена пресметка во текстот за секој од политичарите поединечно објавува сума од 27.660 евра.

 |  vistinomer.mk  | 

Пишува: Убавка Јаневска

Го рецензираме текстот објавен на Курир, на 4 јули, годинава со наслов „ФОТО: СДСМ троши 27.000 евра дневно за реклами на Фејсбук“ во кој се тврди дека партијата на власт троши огромни суми на пари за спонзорирани објави на оваа социјална мрежа. Според насловот на веста на Курир, СДСМ трошел дневно по 27 илјади евра додека според објавена пресметка во текстот за секој од политичарите поединечно објавува сума од 27.660 евра.

„Невистина со цел да ја дезинформираат и манипулираат јавноста, гласи коментарот на СДСМ“, стои во писмениот одговор што на 5 јули 2020 година го добивме од Центарот за комуникации со јавноста :

СДСМ во рамки на своите дигитални комуникации спроведува кампања преку социјалната мрежа фејсбук. До овој момент, преку Фејсбук се реализирани реклами во износ од 5.637 евра или во просек 512 евра на ден. Објавените бројки на порталите кои ги наведувате се целосна невистина и имаат цел да го дезинформираат и манипулираат населението. Целосниот извештај за кампањата на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ ќе биде подготвен и објавен после завршување на кампањата, согласно законските рокови.

Вистиномер.мк истражуваше и не ги најде рекламите што ги пресметува Курир во категоријата библиотека „library“ на партискиот профил на СДСМ. Нема споделени објави со таква содржина ниту од личните профили на посочените политичарите на Фејсбук.

Највисока платена цена за цела кампања на Фејсбук од страна на политичка партија, како и голем клиент, поточно компанија, не може да изнесува повеќе од 10.000 евра тврдеа маркетинг агенции што за рецензираната вест ги консултиравме и од нив побаравме став. Тие за конкретната вест рекоа дека погрешно бил протолкуван параметарот „results“ што во никој случај не може да биде број на споделени дневни спонзорирани објави, споредено со прецизно објавените податоци, по ден, во категорија библиотека или „library“, на Фејсбук страницата на СДСМ. Според нив, 130 спонзорирани дневни објави немала ниту Белата куќа во САД.

Доколку се отвори Фејсбук профилот на СДСМ воочливо е дека имаат во просек по пет до шест дневно спонзорирани објави. Единствено на 3.07.2020 година партијата има 11, значи ден е со најголем број на спонзорирани објави. Потоа следи 29.06. 2020 кога имале 10 додека во останатите денови прегледот на дневни спонзорирани објави покажува од две до пет. Ако се помножат со цената што ја платиле од 10 или 20 евра по ден тоа е далеку под објавената пресметка со вкупен износ од 27.000 евра за еден ден. Тоа значи дека медиумот направил погрешно толкување на едноставна пресметка. Тоа е голема разлика. 130 спонзорирани постови дневно не објавува ни Белата куќа во САД а не една политичка партија во Македонија. Очигледно е дека станува збор за некаква погрешна извадена статистика од Фејсбук. Слободно, секој може да отвори на профилот на СДСМ на Фејсбук и да ги преброи сите спонзорирани објави по датуми за да заклучи дека е далеку помала. Тоа што во објавата на Курир е пренесено како бројка заокружена со црвена боја , резултат „results“, е друг параметар кој секако не се однесуваа на бројот на спонзорирани постови, гласи мислењето од маркетинг агенција.

Според консултантите за односи со јавност, исто така нелогично и физички невозможно е еден клиент на Фејсбук да напише, создаде и сподели мегаломанска бројка од 120 спонзорирани објави од еден Фејсбук профил, во еден ден. И тие не ги пронајдоа спонзорираните реклами објавени од ФБ профилите на посочените кандидатите за пратеници на СДСМ.

Консултантите за односи со јавност никогаш не би му препорачале на клиент независно дали е поединец, компанија или политичка партија, да постира 120 објави во текот на еден ден во држава како што е Северна Македонија. Тоа не е продуктивно и не е логично, нема никаква оправданост. Кон колкав број на публика, целна група би ги испратил клиентот тие спонзорирани пораки, во еден ден? Тоа е надвор од сите комуникациски правила. Три до пет пораки – да, но никако не 120 пораки во еден ден.

Дали оваа вест е лажна, манипулативна или е спин, јавноста ќе има можност да разоткрие набрзо, на 13 јули, односно 26 јули доколку има втор изборен круг, до кога учесниците во кампањата имаат обврска на Државна изборна комисија, согласно објавениот Роковник, да и достават финансиски извештај според Законот за сметководство. Извештајот прикажува ставки и документи за секој потрошен денар од кампањата со докази за трансакции.

Вестите во рубриката „Лажни вести избори 2020“ во целост се преземени од сајтот vistinomer.mk, за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.

Авторските права се отстапени за потребите на пректот „Против дезинформации за поголема излезност на изборите“.