Skip to main content

Марко Бислимоски поднесе оставка од функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Оставката на Бислимоски следи две недели откако Финансиската полиција поднесе кривична пријава за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, односно бидејчи не била одземена лиценца за вршење енергетска дејност на фирмата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје.
 |  инфодеск  | 

По неполни 8 години на функцијата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска поднесе оставка, објави Дојче веле. Како што објави медиумот, Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година. Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето. Одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници. За причините засега може само да се шпекулира, доколку се има предвид дека вториот петгодишен мандат на Бислимоски завршуваше во јуни 2028 година. 

Пред нешто повеќе од две недели, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Бислимоски поради сомнеж за злоупотреба на службената положба и овластување. Во пријавата се наведува дека Бислимоски, како претседател на РКЕ, наводно не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол Петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако истата не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и конечно е одземена во април 2025 година. Според УФП, ова и овозможило на компанијата да оствари промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра.

На прес-конференција, Бислимоски истакна дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции за да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата не е направено прекршување на законската регулатива:

„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.

Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата. Во РКЕ работи од нејзиното основање во 2004 година.