Skip to main content

Државна изборна комисија

Граѓаните на двојните избори на 8 мај на гласачките места ќе може да одат само еднаш

ДИК усвои Упатство за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, со коешто се утврдува дека граѓанинот само еднаш ќе може да оди на избирачко место за гласање на двојните избори.
 |  инфодеск  | 

Државната изборна комисија (ДИК) усвои Упатство за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, со коешто се утврдува дека граѓанинот само еднаш ќе може да оди на избирачко место за гласање на двојните избори на 8 мај, парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Со ова упатство се предлага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори граѓаните потоа нема да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и за кои претходно не го искористиле даденото право за избор. Со ова предлог упатство избирачкиот одбор задолжително ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа само за претседателски избори, само за парламентарни избори или и за претседателски и за претседателски избори, кажа Борис Кондарко во образложението на Упатството и посочи дека тоа ќе важи само во случаи кога има спроведување на два или повеќе различни видови избори и референдум во исти ден.

Со регулирањето дека граѓаните можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и со можноста според лична желба да се определат за кој вид на избори сакаат да гласаат не се прави никаква дискриминација на правата за слободен избор и определбата на граѓаните, односно не се ограничува нивното право на глас, кажа Кондарко. Напротив, дообјасна тој, со ваквото упатство се штитат правото и слободното определување на граѓаните и се штитат самите граѓани од можни манипулации, притисоци и злоупотреби на нивната волја, а исто така би се оневозможиле гужви и чекање на ред за гласање пред гласачките места што би било случај доколку граѓаните доаѓаат по два пати во текот на денот да гласаат.