Skip to main content

Институт за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ – Скопје

ИНРЕКОМ: Додворувачки владини измени на Законот за медиумски услуги

ИНРЕКОМ поставува прашање: дали Владата повторно сака да се умилкува кон телевизиите воочи можната предизборна кампања, со цел да не добие нов тивок бојкот од петте национални радиодифузери? Институтот ги повикува сите засегнати страни да седнат на заедничка маса и да се започне процес на донесување на целосно нов Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги целосно усогласен со европските директиви и регулативи, но и ќе биде компромис на сите засегнати страни во Македонија.
 |  инфодеск  | 
Inrekom komentar

Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје смета дека најавените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не треба да бидат усвоени и ги повикува Владата и Министерството за информатичко општество и администрација да го преиспитаат предлогот.
Новите предложени измени и дополнувања не се нови, истите тие барањата се веќе видени од страна на Асоцијацијата на петте национални терестријални телевизии, како и фактот дека исти такви беа предложени во Собранието преку група пратеници и во Ноември месец минатата година (со архивски број: 08-4513/1), но без делот со обврските за телекомуникациските оператори. Вакви обиди да се измени Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги имаше и за време на вонредната состојба поради корона кризата, преку владините уредби со законска сила, но истите мораа да се укинуваат или нивното дејство беше „замрзнато“ од страна на Уставниот суд. Нашиот коментар на предложените измени ќе се подели во два дела: едниот ќе се однесува на телекомуникациските оператори и телевизиите а вториот дел ќе се однесува на радиодифузерите и јавните кампањи.

За Институтот не е спорен делот кој определува телекомуникациските оператори задолжително да ги реемитуваат македонските канали, токму спротивното, ја поздравува идејата и воедно предлага да се дополни односно прошири со задолжително реемитување и на сите останати национални и регионални телевизиски канали, без разлика на нивниот начин на емитување, а не само на петте национални терестријални телевизии.
Но особено спорен дел во предложените измени и дополнувања е пропишувањето дека освен задолжителното реемитување (само) на петте национални терестријални канали, телекомуникациските оператори задолжително да им исплаќаат по претплатник на националните терестријални телевизиите според висина пропишана од страна на Владата.

За Институтот владиното мешање во економско-финансиските односи помеѓу операторите и телевизиите е противуставно – спротивно на членот 55 со што се повредува правото на еднаква положба на субјектите на пазарот. Дополнително, односите помеѓу двете страни се веќе пропишани во повеќе закони, како што се: Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за трговски друштва и за облигациони односи. Од друга страна, дали и во која висина би се плаќало меѓу двете страни, самиот радиодифузен пазар ги регулира односите и цените преку понудата и побарувачката, а единствено судската власт може да се вмеша само доколку настане некаков конфликт.

Исто така, во однос на измените и дополнувањата во делот за операторите и реемитувањето на странските канали, ИНРЕКОМ го поздравува пропишувањето со кој доколку странскиот каналот нема обезбедно авторски права, одговорноста ќе биде на самиот канал, а не како што беа предвидени прекршочни одредби врз самите оператори поради незаконско работење на странските радиодифузери, нешто за што ИНРЕКОМ упати жестоки критики за време на корона-кризата и владините уредби со законска сила.
Од друга страна, ИНРЕКОМ гледа можност за злоупотреби и не гледа потреба од забрана од 2 години за реемитување на странски радиодифузер доколку ги има изгубено авторските права и повикува да се преиспита во насока доколку радиодифузерот ги обезбеди повторно правата, да има можност повторно да се регистрира, а не да чека да поминат две години.
Институтот предлага во рамки на овие законски измени и дополнувања, сите засегнати страни да размислат за овозможување самите телекомуникациски оператори да бидат во можност да основаат свои радиодифузни друштва и да имаат свои телевизиски канали, кои би биле претежно тематски, нешто што го има во многу земји, на пример одредени оператори да имаат сопствени спортски, филмски, документарни и други тематски канали, нешто што го има во регионото и во многу европски држави.

Во однос на измените и дополнувањата во делот за јавните кампањи, Инстиутот за развој на електронски комуникации – ИНРЕКОМ, не е против усвојување на законските измени и дополнувања, но има сериозни забелешки во однос на распределбата на финансиските средства од централната каса, но и особено од буџетите на локалната самоуправа. Според Институтот, предложените измени се дискриминирачки кон сателитските и кабелски телевизии, како и кон регионалните канали.
За Институтот е неправедно и тенденциозно, процентуалната распределба на висината на средствата, односно 75% да одат кај петте национални терестријални телевизии, а останатите 25% од висината на средствата да се распределат кај сите останати телевизии, без разлика дали станува збор за национална концесија преку јавни електронски комуникациски мрежи, сателитски пренос или пак регионални телевизии, како и радијата на национално и регионално ниво.
ИНРЕКОМ предлага да се распределат на следниот начин: 60 до 70% да одат кај телевизиите и 30 до 40% кај радио станиците, врз основа на договор кој би се постигнал со јавна дебата помеѓу засегнатите страни. Понатаму, средствата во тие 60 или 70% што би биле предвидени за телевизиите, би се распределувале врз основа на уделот во гледаноста, без разлика на тоа дали телевизиите се на национално или регионално ниво и дали се терестријални, сателитски или кабелски. Истото го предлагаме и во однос на радио станиците, од предвидените 30-40% од средствата, да се распределат помеѓу сите радио станици без разлика дали се на државно или регионално/локално ниво врз основа на слушаноста.
ИНРЕКОМ ја остава отворена можноста, доколку засегнатите страни не се согласат со начинот на распределба според гледаноста/слушаноста, да се распределат според предложеното врз основа на вкупните платени давачки и придонеси за претходната година и бројот на вработените.

За Институтот исто така е нејасно и нелогично зошто кампањата од локално значење би одела на националните телевизии и тоа со 50% од вкупниот предвиден буџетски износ. ИНРЕКОМ препорачува најмалку 80% од средствата да се распределат за телевизиите и радијата на локално/регионално ниво, а останатите 20% доколку е потребно да се прераспределат кај радиодифузерите со национална концесија без разлика на начинот на нивно емитување.
Дополнително, доколку се процени дека кампањата од јавен локален интерес нема потреба од рекламирање на националните телевизии или радија, предлагаме 20% од средствата да бидат дополнително распределени помеѓу локалните/регионалните телевизии и радија.
Исто така, како и за кај кампањите на национално ниво, ИНРЕКОМ препорачува да се распределуваат на следниот начин: од предвидените 80% за локалните/региони радиодифузери да одат: 60-70% кај локалните/регионални телевизии и 30-40% кај локалните/регионалните радија, односно подетално да се распределат износите врз основа на гледаноста односно слушаноста, или пак да се прифати врз основа на платени давачки и придонеси за претходната година и бројот на вработените.

Од друга страна, барањето во измените, дозволите на радиодифузерите автоматски да се продолжат со важност за уште три години се дискутабилни, бидејќи основна функција на самата Агенција за медиумски услуги е токму тоа, регулирање на дозволите. Доколку се донесе ваквата измена, ИНРЕКОМ не ја гледа потребата од постоење на независниот регулатор и истата таква функција може да биде преземена од Собранието или Владата и со што ќе има политичка контрола врз медиумските играчи.

Од горенаведеното, ИНРЕКОМ поставува легитимно прашање: дали Владата повторно сака да се умилкува кон телевизиите воочи можната предизборна кампања, со цел да не добие нов тивок бојкот од петте национални радиодифузери? Затоа, Институтот ги повикува сите засегнати страни да седнат на заедничка тркалезна маса и да се започне процес на донесување на целосно нов Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој ќе биде целосно усогласен со европските директиви и регулативи, но и ќе биде компромис на сите засегнати страни во Македонија.

Извор: ИНРЕКОМ – Скопје