Skip to main content

Контролорите на летање ќе го затворат македонското небо доколку Владата не го разреши раководството на М-НАВ

МВР ја чува контролната кула на скопскиот аеродром. Синдикатите на М-НАВ го ставија штрајкот во мирување до среда. Доцна синоќа бил одржан вонреден состанок на членството на ССКЛ на кој најостро бил осуден нападот врз нивен колега при вчерашнуот упад во контролата на летање. На состанокот присуствувале и колегите од Охридската контрола на летање.
 |  инфодеск  | 

Синдикатот на контролорите на летање од среда најавува штрајк и затворање на македонското небо доколку на седницата во вторник Владата не го разреши раководството на М-НАВ.

Доцна синоќа бил одржан вонреден состанок на членството на ССКЛ на кој најостро бил осуден нападот врз нивен колега при вчерашнуот упад во контролата на летање. На состанокот присуствувале и колеги од Охридската контрола на летање.
Како резултат на одржаниот состанок биле донесени неколку одлуки и барања кои на Фејсбук ги објави Александар Тасевски, претседателот на Синдикатот на Контролори на летање.

1. МВР веднаш да отпочне постапка за пронаоѓање на учесниците во целиот настан, како на лицата кои не се вработени во контрола на летање, а биле присутни во безбедносниот периметар на објектот и самиот објект на контрола на летање, но и на лицата вработени кај нас, а кои биле соучесници и го потпомогнале целиот настан кој финализираше со физички напад врз наш колега контролор на летање.
Додека траеше нашиот состанок од страна на МВР беше издадено официјално соопштение дека се приведени 4 лица врз кои се врши распит по што ќе следува соодветна пријава, но и дека се трага по уште 4 лица.

2. Поради очигледни безбедносни пропусти во службите кои се задолжени за обезбедување на објектот и лицата вработени во објектот на контролата на летање, како и соучесништво од страна на лица кои се вработени во македонската навигација кои го потпомогнале влезот на неовластените лица, побарано е од МВР со распоредување на службени лица да го обезбеди истиот, како и вработените, посебно што станува збор за стратешки државен објект, но и поради фактот дека контролорите на летање нема да продолжат да работат под оправдан страв дека во секој момент некој од надвор би можел да влезе и да ги загрози нивните животи, а со самото тоа и животите на патниците во авионите кои ги опслужуваме. Од страна на МВР веднаш се распоредени службени лица за заштита на безбедноста и на објектот, но и на вработените.

3. Ги повикуваме тројцата извршни директори во М-НАВ А.Д. Скопје, веднаш да дадат оставки од нивните функции, пред се од морални причини, поради ескалација на состојбата до која се дојде во контролата на летање по нивна вина. Истите тие, покажаа дека не само што не се способни успешно да раководат со македонската навигација, туку и дека не се способни да ги заштитат своите вработени и самиот објект од упад на неовластени лица. И по изминати повеќе од 11 часа од нападот врз нашиот колега, ниту еден од нив не најде за потребно јавно да го осуди целиот настан, да излезе со официјален став околу тоа што се случи во една институција која треба да го претставува врвот на безбедносниот систем, не се одважија ниту да понудат своја помош на нашиот повреден колега но ниту да ја гарантираат понатамошната безбедност на вработените кои и покрај се мораа да останат на своите работните места и да продолжат да го контролираат воздушниот сообраќај.
Нека не чекаат да бидат разрешени како што е најавено на следната седница на Влада, бидејќи и до сега причинија доволно штета.

4. Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од нивните функции, ја повикуваме Владата, на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година, да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација.
Во спротивно, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор, започнувајќи од 10.01.2024 се до исполнување на сите наши барања.

Доколку бидеме принудени на реализација на штрајкот на 10.01.2024 година, ги замолуваме сите наши сограѓани да имаат разбирање за нашите постапки и покрај проблемите со кои ќе се соочат при нивните патувања со авион од причина што нашите постапки се насочени во насока да на секој еден патник можеме да пружиме и да гарантираме безбеден лет, напиша претседателот на синдикатот на контролори.

За своите понатамошни активности, од синдикатот веќе ги известиле сите меѓународни воздухопловни институции како и синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа и очекуваат претставници од истите да пристигнат наскоро како дополнителна помош и подршка.

Владата најави дека на наредната седница која ќе се одржи во вторник, 9 јануари, ќе го разреши целото раководство на М-НАВ. Во соопштението од владата се вели дека премиерот Димитар Ковачевски ќе го повика Јавното обвинителство, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авиосообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

За тоа што се случувало непосредно пред и откако поголема група вчера упадна во оваа институција и физички нападна еден од вработените информираше САКАМДАКАЖАМ.МК. БЕКИМ НЕЗИРИ ОД ДУИ ГИ ВНЕЛ БАНДИТИТЕ ВО РАДАРСКАТА СОБА, ОТВОРАЈЌИ ИМ СО СВОЈАТА КАРТИЧКА, ОД ВЕЧЕРВА МВР ЈА ЧУВА КОНТРОЛНАТА КУЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ – Сакам Да Кажам (sdk.mk)

Извор: Фејсбук Фото: Синдикати на М-НАВ