Од утре две нови банкноти во оптек
Народна банка од утре ќе ги пушти во оптек двете нови книжни пари во апоени од 200 и од 2.000 денари, а ќе ја повлече банкнотата од 5.000 денари.
“Книжните пари со апоенска вредност од 5.000 денари не се прифатени од пошироката јавност заради нивната висока номинална вредност, ограничена е застапеноста при вршењето на готовинските трансакции и размена, првенствено во трговијата. Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна”, објасни Централната банка.
Оние кои што имаат петилјадарки, до 28 февруари 2017 година ќе можат да ги заменат во деловните банки, а од 1 март замена ќе се врши во Народна банка.
На крајот на годината, во структурата на парите во оптек книжните пари учествуваат со 97,1%, а кованите пари со 2,9% во вкупната вредност. Најголемо учество во вкупната вредност на емитирани книжни пари имаат книжните пари во апоен од 1.000 денари (76,2%) и 500 денари (16,6%). Останатите книжни пари учествуваат со 7,2% во вкупната вредност. Во 2015 година, најголемо учество во вредноста на кованите пари имаат апоените од 50 денари (32,2%), 10 денари (27,8%) и 5 денари (18,0%).
Анализата на апоенската структура на книжните и на кованите пари укажува дека, при издавањето и при примањето, кај книжните пари најголемо учество се забележува кај апоенот од 1.000 денари од 41,1% во 2015 година односно 36,2% во 2014 година, а кај кованите пари преовладува апоенот од 10 денари со учество од 26,7% во 2015 година наспроти 24% во 2014 година.
Лани до Народна банка биле доставени 1.415 сомнителни денарски книжни пари, и со експертиза е утврдено дека 131 примерок се оригинални, додека останатите 1.284 книжни пари се фалсификувани. Бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2015 година е зголемен за 4,6 пати во однос на 2014 година. Најмногу се фалсификувала банкнотата од 500 денари. Во вкупниот број откриени фалсификувани денарски книжни пари лани биле откриени 1.144 парчиња 500-денарки или 89,1% од вкупниот број фалсификати. Потоа следат апоенот од 1.000 денари со 102 парчиња или 7,9% од вкупниот број фалсификати и апоенот од 100 денари со 35 парчиња или 2,7% од вкупниот број фалсификати. Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2015 година изнесува 677.650,00 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек.