Skip to main content

сдсм

СДСМ поднесе кривична против Мицкоски за рушење на Уставот и кршење на законите

СДСМ поднесе кривична против Мицкоски за рушење на Уставот и кршење на законите
 |  инфодеск  | 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе кривична пријава против премиерот на Владата, Христијан Мицкоски за злоупотреба на службената должност, загрозување на сигурност, како и за повреда на рамноправноста на граѓаните. Од партијата тврдат дека неговите изјави во кои наведува дека очекува можни постапки против поранешни функционери од СДСМ, претставуваат обид за политички притисок врз опозицијата.

Христијан Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата и неистомислениците. Од позиција на премиер, Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

Според Димитријевиќ, ова претставува огромен скандал, уривање на правниот и уставниот поредок за кој мора да се поднесе одговорност. За него, изјавата на Мицкоски укажува дека судството и обвинителството се користат како инструмент за политичка пресметка и притисок врз неистомислениците, што, како што наведува Димитријевиќ, е практика карактеристична за авторитарни системи и спротивна на демократските стандарди.

Од СДСМ бараат Јавното обвинителство да постапи по кривичната пријава и итно да го повика Мицкоски на распит за да се спречи понатамошно загрозување на правниот поредок.

СДСМ поднесува кривична пријава против Христијан Мицкоски за злоупотреба на службена должност и овластувања член 353 став 1 од Кривичниот законик, повреда на рамноправноста на граѓаните член 137 став 1 и 2 од КЗ и за загрозување на сигурноста, член 143 став 1 од КЗ. Нека докаже ЈО дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки“, изјави Димитријевиќ.