Следната недела започнува судењето за пожарот во Кочани, 15 обвинители ќе го водат случајот
Следната недела започнува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека предметот ќе го застапуваат околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивната координација.
Во јуни беше поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица, кои се гонат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу обвинетите се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници во Македонија.
-Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно уште неколку обвинители ќе ангажираме имајќи предвид, да не се отежне односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби не секогаш ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на обвинителството, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече, дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени упатства и наредби за преземање на надлежните органи на одредени процесни дејствија.
Фотографија: Petr Stojanovski/DW