ЦУК апелира на внимателност при движење во природа поради честа појава на змии
Центарот за управување со кризи превентивно потсетува дека при прошетките во природа може граѓаните да имаат случај да се сретнат со змии, па, иако во ретки случаи, можат дури и да бидат гризнати од влекачите.
Во таков случај и после прва самопомош, е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со лекар, бидејќи ако змијата е отровна правилната прва самопомош е многу важна и времето за добивање лек е многу важно, а истовремено се можни алергиски и инфекциски реакции кај луѓето коишто се гризнати од животно, во конкретниот случај, од змија и секако ќе се добие локацијата на пријавителот во случај да треба лекарска помош на терен.
На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за многу различни итни случаи, меѓу кои и за опасност од присуство на змии во објекти во населени места.
Од ЦУК посочуваат дека понекогаш во одредени ретки случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.
– За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места не постојат специјализирани институции за нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности, се вели во соопштението.
ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.
Сите итни случаи се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.