Стогодишнината од раѓањето на Шопов се чествуваше во Загреб и Љубљана
Стогодишнината од раѓањето на македонскиот класик Ацо Шопов се чествуваше и на филозофските факултети при државните универзитети во Загреб и во Љубљана, со учество на студенти од двата универзитета и на просветни работници, како и воопшто на проучувачи и почитувачи на македонската книжевност и култура од Хрватска и од Словенија.
Настанот се одржа хибридно, во организација на Одделот за јужнословенски јазици и книжевности во Загреб под раководство на доц. д-р Ивица Баковиќ, во соработка со Катедрата за славистика во Љубљана, под раководство на проф. д-р Намита Субиото.
По предавањето на д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, пред публиката се промовираше антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот”, приредена од неа и од Иван Антоновски.
– Во годината што му е посветена на Ацо Шопов, сосема природно беше во декември, месецот кога се навршуваат 100 години од неговото раѓање, да се организира еден ваков настан, и тоа токму помеѓу Скопје, Љубљана и Загреб. А ова дружење не беше затворено во академските и книжевнонаучни рамки, туку прерасна во вистинско дружење, или вистинско поетско попладне. Со предавањето на професорката Весна Мојсова-Чепишевска, сите слушатели добија прилика да се запознат со основните и клучните карактеристики на поетиката, животот и делото на Шопов, а со промоцијата на најновата антологија на младата македонска поезија, „Ново раѓање на зборот”, издание на „ПНВ Публикации”, во Љубљана и во Загреб го слушнавме и гласот, зборовите на новите генерации на македонските поети. Поетската реч на Ацо Шопов во годинава што наскоро ќе ја оставиме зад нас, навистина одекнуваше не само во Македонија, туку и во другите култури, на другите слoвенски и неслoвенски јазици. И тоа благодарение на неколкумина страствено ангажирани личности како што се нашите гости на овој настан, Јасмина Шопова, Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Уверен сум дека со крајот на јубилејната година, зборот на Шопов нема да стивне, истакна професорот Баковиќ од Универзитетот во Загреб.
Инаку, предавањето на Мојсова-Чепишевска, покрај тоа што ги опфати спецификите на различните творечки кругови на Шопов, беше посветено и на поетиката на тишината и на поетиката на мистичното и езотеричното во творештвото на македонскиот класик, опфајаќи и малку коментирани аспекти на неговото творештво што се поттик и за натамошни истражувања.
– Предавањето на проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска со голем интерес го следевме и со студентите по јужнословенски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Таа прегледно ни го престави творештвото на големиот поет преку четирите творечки круга, а потоа се задржа на неговата поетика – поетиката на тишината и поетиката на мистичното и езотеричното и на објаснувањето на поимите „небиднина” и „црно сонце”. Но, дека Шопов навистина е канонизиран поет покажа и кусата промоција на антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот”, објавена годинава во издание на „ПНВ Публикации” што ни ја претставија уредничката Јулијана Величковска и Иван Автоновски кој заедно со Весна Мојсова-Чепишевска е приредувач на ова прекрасно издание. Љубопитно и внимателно ги ислушавме и четворицата млади поети кои се вклучија во промоцијата, бидејќи се решивме во летниот семестар да започнеме со преведување на одбрани песни од антологиијата. Студентите беа воодушевени што на настанот приусуствуваше и ни се обрати и г-ѓа Јасмина Шопова. Му благодарам на доц. д-р Ивица Баковиќ од Филозофскиот факултет во Загреб за организација и им благодарам на сите кои настапија на ова динамично и впечатливо одбележување на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, нагласува професорката Намита Субиото од Универзитетот во Љубљана.
На настанот, при претставувањето на антологијата „Ново раѓање на зборот”, акцент беше ставен на поврзаноста меѓу поетиката на Шопов и поетиките на поновите македонски автори. Потоа, со прочит на свои песни и на свои омилени стихови од Шопов настапија и неколку од авторите застапени во антологијата – Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Марија Велинова и Стефан Костоски.
Во дискусијата, учениците ги поздрави и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, д-р Наталија Поповска, изразувајќи задоволство што јубилејот 100 години од раѓањето на Шопов се чествува и во Хрватска, искажувајќи интерес и за творештвото на авторите што го претставуваат „новото раѓање на зборот” во современата македонска поезија.
Настанот беше заокружен со обраќање на Јасмина Шопова, ќерка и истражувач на творештвото на Шопов, од името на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија”.
Како што беше истакнато, посветеноста на творештвото на Шопов, како и на творештвото на новите генерации македонски автори на универзитетските центри во Загреб и Љубљана не запира со овој настан и продолжува и со други планирани активности, и во соработка со колегите од Македонија.