Skip to main content

Извештај од извршената ревизија на усогласеност на ФЗО

20 милиони евра од граѓаните преку ПЦР тестови заработило приватното здравство

За три години, од граѓаните во приватно здравство, само за ПЦР тестови се прелеани најмалку 19,9 милиони евра. Не е ажурирана листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот. Ова се само дел од клучните системски слабости на ФЗО.
 |  инфодеск  | 
Дзр

Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај од извршената ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Ревизорите забележале дека поради одредени слабости 19,9 милиони евра пари од граѓаните за три години во пандемијата, дадени за ПЦР тестови, се прелеале во приватното здравство. 

Утврдена е застарена и амортизирана серверска структура во фунционирањето на Фондот. Исто така, дека има недостиг на ИТ – кадар и стратегија, што пак се потврди деновиве, со хакерскиот напад врз сајтот на ФЗО.

Ревизорите утврдиле уште една битна слабост на ФЗО – не е ажурирана листата на лекови на товар на Фондот. Реализирани биле и помал број на услуги поради што дури 106 од 119 јавни здравствени истанови се здобиле со статус на неодржливи. Откриени се слабости во препишувањето на лековите, но и во фактурирањето на услугите. Има и такви случаи кога се препишувало боледување, иако осигурениците си земале плата.

Кога е во прашање е породилното отсуство пак, при исплата на овие надоместоци не биле воспоставени контроли поради што се исплатувани надоместоци и кога осигурениците остварувале плата за ефективни часови на работа.

Ревизорската контрола утврди дека во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените, има слабости и неправилности при што во целост не се обезбедува соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола, односно систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето во странство.

Со ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија се утврдува одговорност на директорите Стево Крстевски и Фатон Ахмети, кои како вршители на должноста стапиле на функцијата кон крајот на 2020 година, а како директори се именувани пролетта 2021 година.

Целта на ревизијата е да се добие разумно уверување дали финансиските извештаи се ослободени од материјално погрешни прикажувања и дали активностите и трансакциите се во согласност на законската регулатива.

Целиот извештај може да го прочитате на следниот линк