Skip to main content

22 години од загинувањето на армиските резервисти кај Карпалак

На денешен ден во месноста Карпалак во заседа животите ги загубија 10 армиски резервисти од кои најмладиот на 20 годишна возраст а најстариот имаше 48 години. Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ положија венци во спомен на браниелите.
 |  инфодеск  | 
Карпалак

На 8 август во 2001 година кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово, армискиот конвој беше нападнат од заседа. Животот го загубија десет припадници на Армијата: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Стојанче Ангелов на својот Фејсбук профил се присети на кобниот 08 август 2001-та. „Колона армиски резервисти, по патниот правец Скопје – Тетово е упатена кон боиштето во тетовско. На истото место на кое десетина дена претходно храбрите Тигри влетаа во жестока заседа сега минуваше слабо обезбедена колона армиски возила вклучително и автобус.  Неколку секунди подоцна врз армиската колона беше отворен жесток оган од куршуми, минофрлачки гранати и проектили од рачни фрлачи на ракети (РПГ). Еден минибус полн со храбри припадници на армискиот резервен состав бил погоден со ракета од РПГ и почнал да гори… Во заседата кај Карпалак загинаа 10 македонски херои, припадници на резервниот армиски состав: Ердован Шабаноски (20) Веби Рушидоски (26) Марко Деспотоски (27) Дарко Вељаноски (27) Горан Миноскии (29) Пеце Секулоски (29) Љубе Грујоски (31) Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42) Нане Наумоски (48) Вечна ви слава, херои македонски!“, напиша тој.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски ја предводеа денеска делегацијата од Министерството за одбрана и Армијата која на Карпалак положи венец во спомен на бранителите.

На денешното одбележување, министерката за одбрана, Славјанка Петреска беше прашана дали се планира да се направи достоен споменик за овие бранители на татковината.

„Го дадоа најскапоценото, својот живот за нашата татковина. Лично сметам дека заслужуваат достојно спомен обележје, со кој, нема да ги вратиме назад, но ке имаме место каде достојно ќе даваме почит. Денес до Општина Желино, која е надлежна општина, ќе испратам повторно барање, како што го направив за Вејце, да биде дозволено овде да се изгради достоен споменик. Министерството за одбрана е подготвено тоа да го направи“, рече министерката.

Свежо цвеќе беше положено и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот Св. Петка.