Skip to main content

29 поранешни пратеници ќе земаат апанажа

Најголемиот број од пратениците на кои им е одобрено барање за апанажа се од сега опозициската партија СДСМ, меѓу кои и поранешните пратеници од Охрид Жаклина Лазаревска и Лазе Таневски кои 12 месеци ќе продолжат да земаат плата од државата.
 |  инфодеск  | 
Собрание

На 29 пратеници од минатиот состав, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им го прифати барањето за апанажа. Единствено пратеникот на Левица, Борислав Крмов, гласаше против доделување на апанажите.

Согласно законските одредби, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата.

Од списокот на пратеници на кои им е одобрено барање за апанажа, може да се забележи дека најголемиот број од пратениците се од сега опозициската партија СДСМ, меѓу кои и поранешните пратеници од Охрид Жаклина Лазаревска и Лазе Таневски кои 12 месеци ќе продолжат да земаат плата од државата.

Најголемиот дел од пратениците побарале апанажа во траење од една година, а само тројца побарале апанажа за помал период и тоа за 9 месеци, 6 месеци и 2 месеци.

Поднесени се и други барања за апанажа што се разгледуваат, информираше претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски. Според информациите од Собранието, 57 пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа бидејќи не се дел од новиот состав. Рокот за поднесување барања на апанажа започна на денот на верификација на мандатите на членовите на новиот парламентарен состав 2024-2028, а завршува на 28 јуни.

foto: Facebook Левица