30 милиони евра за мерките за вработување
Надлежните го претставија Оперативниот план тежок 30 милиони евра, со кој опфатени ќе бидат 15 илјади невработени лица.
Субвенции за плати, самовработување, практиканство, обуки, се дел од мерките. Директорот на Агенцијата, Беким Мурати посочи дека годинава со најбараната мерка „самовработување“ опфатени ќе бидат 2 илјади лица.
Најбараната програма од страна на невработените лица „Самовработување“ и оваа година е обезбедена највисок опфат досега. Предвидена е финансиска помош за 2 илјади лица. Финансиската помош за едно лице да отвори сопствен бизнис е 5 илјади евра, а ако се отвори правен субјект од два содружници – 10 илјади евра – истакна Мурати.
Фокус се младите до 29 години, долго невработените, а годинава се зголемува и опфатот на лицата со попреченост. Како новитет е мерката за зелени инвестиции со која опфатени ќе бидат над 300 лица.
Претставникот на УНДП посочи дека Ковид кризата силно ги погоди економиите во светот, а исклучок не е ниту земјава. За нејзино заживување потребни се токму вакви политики на соработка.
Иако невработеноста во земјата се намалува, слабата активност на пазарот на трудот и капацитетот за креирање одржливи работни места се одлики на македонската економија што станува уште повидлива во КОВИД и постковид времињата. Владиниот, приватниот сектор и сите вклучени страни треба да реагираат во партнерство за да создадат отпорна економија – кажа Армен Григоријан, претставник на УНДП.
Според надлежните, лани реализацијата на мерките била скоро 95% од планираното, а најуспешна мерка била за самовработување.
Според статистика пак, минатата година како невработени се воделе близу 150 илјади лица.