40 години ЗЕЛС
Денес ќе бидат одбележани 40 години од формирањето на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија.
По тој повод ќе се одржи академски час, со кој ќе се означи овој значаен датум за ЗЕЛС и за нејзините членки – општините.
Во Статутот на ЗЕЛС, 26 април е прогласен за Ден на ЗЕЛС и Ден на општините во Македонија.
На настанот предвидено е да се обрати актуелниот претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Коце Трајановски, кој ќе потсети на историскиот развој и почетоците на формирањето на тогашната Заедница на општини и градови на Македонија (ЗОГМ), во 1972 година. Тој ќе говори за структурните промени на Заедницата во овој четириесетгодишен период, за политичките и општествени состојби на локалното владеење во земјата, како и за најзначајните успеси на ЗЕЛС во изминатите седум години од воспоставување на децентрализацијата на власта. Ќе бидат посочени и идните правци на дејствување.
Исто така, ќе се обратат и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за локална самоуправа Невзат Бејта, евроамбасадорот Аиво Орав, амбасадорот на САД Пол Волерс и Стефано Лазарото, амбасадор на Швајцарија во Македонија.
По повод 40-годишниот јубилеј, ЗЕЛС издаде и монографија „40 години во служба на општините“, која денеска ќе биде промовирана. Монографијата претставува 40-годишна меморија за развојот на заедницата, нејзините структурни реформи во контекст на општествено-политичките промени на локалната власт.
Стручно жири ќе додели награди за новинарите, чии текстови беа избрани како најдобри на конкурсот „Награда за новинари“ објавен по повод јубилејот на ЗЕЛС.
– Целта на наградите е јавно да се истакнат новинарите кои со своите написи придонесоа за афирмирање на работата на локалната самоуправа, особено оние кои ги препознале и јавно ги објавиле добрите примери од процесот на децентрализација, во периодот од јули 2005 до март 2012 година, соопшти ЗЕЛС.
Првпат ЗЕЛС ќе додели признанија на значајни личности, чие залагање за подобрување и унапредување на работата на општините досега не е забележано, но со чија помош и разбирање многу локални работи се развивани и унапредени. ЗЕЛС ќе изрази благодарност и на институциите кои покажале голема доверба во активностите што ги преземаше оваа организација.
На свеченоста ќе бидат доделени и плакети за победничките фудбалски тимови, од турнирот одржан на 24 април во Спортската сала „Борис Трајковски“, меѓу тимовите составени од градоначалници, парламентарци и новинари.
За секое земено парче од роденденската торта на ЗЕЛС, предвидено е донирање на парични средства, кои ќе бидат наменети за децата без родители од Домот „11 Октомври“ од Скопје.
{loadposition content9}