63-та седница на Владата
Со цел да се заштити домашното производство, и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените, во насока на задржување на стандардот на граѓаните, Владата на денешната седница донесе две одлуки, едната за ограничување на извозот на одредени производи и другата за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.
Согласно добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, од 21 до 24 јули 2022 година дека територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокаловата фаза, Владата донесе препораки за ослободување од работни обврски на најранливите групи на население, бремените жени и хронично болните лица.
Владата на денешната седница ја усвои и Информацијата за исплата на пензии за месец јули 2022 година со задолжување на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26 јули, а деловните банки од 27.07.2022 година да обезбедат пензионерите да може да располагаат со јунските пензии преку мрежата на банкомати и трговската мрежа.
Готовинската исплата на пензиите, за клиентите кои не користат картички, според постигната согласност од банките ќе се спроведе во четири групи (4 денови) во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно следниот распоред:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 27.07.2022 година (среда);
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 28.07.2022 година (четврток);
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 29.07.2022 година (петок),
и За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.08.2022 година (понеделник).