Skip to main content

АХВ: Пронајдени и уништени 40 тони небезбедни сувомесни и кондиторски производи

Како што информираат од АХВ, во магацинот, кој не бил регистриран како оператор, инспекциските служби нашле 40 751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени.
 |  инфодеск  | 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), по добиено известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека во скопската населба Маџари диво работи магацин за храна, спроведе вонреден инспекциски надзор во див објект каде била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло.

Како што информираат од АХВ, во магацинот, кој не бил регистриран како оператор, инспекциските служби нашле 40 751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи), за кои е издадено решение и кои се нештетно уништени.

Дополнително, како што посочуваат од АХВ, МВР во дворот на дивиот магацин запленило комбе во кое биле пронајдени 360 килограми небезбедни сувомесни и кондиторски производи, кои исто така се нештетно уништени.

„За расчистување на овој криминал, во рамки на постапката, а со цел прибавување на сите потребни информации, АХВ спроведе контрола и кај увозникот на небезбедните сувомесни производи затекнати во дивиот магацин. Обезбедена е целокупната документација за реализираните увози, како и за следливоста на пратките, за период од последните шест месеци“,се наведува во соопштението на АХВ.

Со анализа на документацијата, како што се додава, утврдено е дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати, што било потврдено со лабораториски наоди од земени мостри од пратките кои се увезувале во земјава, а кои биле анализирани во рамки на мониторинг програмата за храна од увоз на АХВ.

„Пратките со небезбедни сувомесни производи биле складирани кај дистрибутерот (во дивиот магацин), кој имал законска обврска нештетно да ги уништи, но тоа не го сторил, односно за нив од страна на овластена депонија му било издадена фиктивна потврда за уништување на небезбедните производи“,се наведува во соопштението.

За сторен прекршок неусогласеност со барањата за безбедност на храната и за преземените постапки за спречување на ризик по здравјето на потрошувачите, на правното лице кое стопанисувало со дивиот магацин за храна изречена му е казна од 18 000 евра во денарска противвредност. Со 1 500 евра во денарска противвредност, казнето е и одговорното лице на операторот со храна.