Skip to main content

Ако сакате домати купете си „изгор“ розеви

Зеленчукот со замрзната цена тешко се наоѓа во маркетите и на пазарите. Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека наредната недела ќе се знае кои фирми не ги почитувале мерките на владата за замрзнување на цените за овошјето и зеленчукот.
 |  инфодеск  | 
Домати

Зеленчукот со замрзната цена тешко се наоѓа во маркетите и на пазарите. Иако со одлука на Влада трговците кои продаваат овошје и зеленчук треба да доставуваат 70 проценти од количествата коишто ги продале во јануари и февруари, сепак тие вешто ги заобиколуваат наметнатите правила. Нема домати по 95 денари, но граѓаните можат да купат „розов“ домат по цена која е два до три пати повисока од највисоката цена која ја утврди владата.

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека наредната недела ќе се знае кои фирми не ги почитувале владините мерки за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот. Министерот смета дека нема да биде голема штета ако се затворат десеттина компании кои увезуваат зеленчук и овошје.

Субвенции

Во однос на тоа до каде е постапката за тоа што се појавија информации дека некои фирми доставувале лажни фактури при увоз, Бектеши рече дека последната вест е дека Царина ги доставила тие фактури на проверка во земјите од каде потекнуваат производите.

Министерот за економија на последната прес конференција не потврди дали владата планира замрзнување на цените на месото, но најави дека следната недела ќе има нови мерки.