Анима Мунди бара напуштањето на кучиња кои имале сопственици да стане кривично дело
Анима Мунди бара напуштањето на кучиња кои имале сопственици да стане кривично дело. Тие во нивната објава на Фејсбук велат дека 5 од 6 заловени кучиња имаат сопственик, и дека при едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик и дека сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот.
-Овој пример не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, често видлив во пракса. Неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие. Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен, велат од Здружението за заштита на животните Анима Мунди.
Од здружението потенцираа дека во другите држави како Хрватска, Франција и Португалија, напуштањето на миленик се третира како кривично дело, а казните се парични, но и затворски.
-Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните, се вели во нивното соопштение.
Анима Мунди потсети дека е доставена иницијатива за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучувајќи ги и малите кучиња и очекуваат конкретни законски измени во Законот за заштита и благосостојба на животните, кој во овој момент е во процедура.