Автобусот кој изгоре немал лиценца за меѓународен превоз на патници
Автобусот кој вчера се запали и изгоре, а во кој загинаа 45 граѓани меѓу кои и 12 деца немал лиценца за меѓународен транспорт на патници и воопшто не бил заведен во електронската евиденција на министерството за транспорт и врски. Колку време „Беса транс“ превезувала патници во странство со овој автобус и како тој воопшто ја минувал границата без соодветна документација, надлежните допрва ќе утврдуваат.

„Беса транс“ имала лиценца за меѓународен слободен превоз на патници од 2018 година и која била важечка до 2022 година, а биле пријавени четири автобуси со лиценци, но не и возилото во кое изгореа 45 патници, соопшти министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Затоа е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“, а Владата му наложи на Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден надзор во фирмата.
Автобусот не е пријавен од превозникот дека ќе врши меѓународен транспорт и затоа го нема во базата на податоци на министерството за транспорт и врски. „Беса транс“ е должен во рок од 15 дена да пријави или одјави возач или возило, односно секоја промена но тоа не е сторено. Точно е дека вршел меѓународен превоз без лиценца за тоа возило и министерството за транспорт и врски почна постапка за одземање на лиценца за работа на превозникот – изјави министерот Бочварски.
Покрај Државниот инспекторат, одговори ќе се бараат и во Царината како овој автобус сообраќаел без лиценца, како минувал граница без документи и како никој во инспекторатот не проверил дека нешто вакво се случува.
Контрола врши Државниот инспекторат за транспорт. Може да биде контролирана и на граничните премини. Сега немаме информација дали и колку пати со ова возило се вршел меѓународен транспорт на патници. Ќе треба да побараме информација и од Царинската управа. Но точно е, овој автобус не можел да ја напушти границата и да превезува патници во странство без оваа лиценца – рече Бочварски.