Skip to main content

Безбедноста на рударите треба да биде приоритет

И покрај тоа што годишно остваруваат големи профити, сопствениците штедат кога станува збор за заштита на рударите, вели Јанко Јанчевски, професор на Машинскиот факултет.

rudari
рудари

Од осамостојувањето на Македонија до денес ретки се годините во кои нема барем по една жртва во македонските рудници. Иако во изминативе неколку години постои тренд на подобрување на условите во кои работат рударите, а главно поради воведувањето на новата регулатива за безбедност при работа, сепак експертите укажуваат дека компаниите мора уште повеќе да внимаваат на заштитата на нивните вработени.

Јанко Јанчевски, професор на Машинскиот факултет, кој бил ангажиран и како вештак во македонските рудници, вели дека впечаток е дека компаниите не вложуваат доволно во заштитата на рударите.

– Додека рудниците беа државни, тие работеа со загуба. Откако ги презедоа приватни компании, трошоците беа рационализирани и рудниците работат со огромни добивки. И покрај тоа што годишно остваруваат големи профити, сопствениците штедат кога станува збор за заштита на рударите. Сум имал можност како вештак да видам какви се условите за работа во рудниците и забележително е дека кај дел од рудниците недостига соодветно осветлување, како и уредување на просторот во кој работат рударите – вели Јанчевски.

rudariПеце Ристевски, прв човек на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на Македонија, вели дека во компаниите каде што е присутен синдикатот се вложува во подобрување на условите за работа и на заштитата на работниците. Тој додава дека рудниците во Македонија ѝ даваат значење на безбедноста при работа и дека, во согласност со регулативата, во секој рудник има посебна служба што се занимава со овие прашања.

– Тоа не значи дека како синдикат немаме забелешки на условите за работа во одредени фирми, како и дека не бараме повеќе да се вложува во заштитата на работниците – вели Ристевски.

Тој објаснува дека, според неговите сознанија, надлежните институции во Македонија досегашните повреди со смртни последици во македонските рудници ги затворале како несреќни случаи.

– Сепак, загрижува фактот што во одредени рудници често се јавуваат вакви случаи. Поради тоа, како синдикат ќе преземеме акција за анимирање на работодавците и на работниците за потребата за подобрување на безбедноста на работните места – вели Ристевски.

{loadposition content9}