Skip to main content

Напладне почнува блокадата на камионските превозници на граничните премини 

Камионџиите денеска точно напладне го блокираат товарниот сообраќај на сите гранични премини во Македонија, протестирајќи против новите шенгенски правила на ЕУ.
 |  инфодеск  | 
колона камиони

Од денес напладне ќе бидат затворени граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато, додека граничниот премин Табановце – Прешево ќе биде затворен од српска страна.

Превозниците во Македонија се организирани преку здружението „Макам-транс“, но со поддршка од здруженија од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а протестираат против примената на новиот Систем за влез и излез (EES) во Шенген-зоната. Според новите правила, професионалните возачи од земји надвор од ЕУ се третираат како туристи и можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена, што, според превозниците, е неспроведливо за нивната работа и води кон недостиг на возачи и застои во транспортот.

Предвидено е протестите на превозниците да траат седум дена, со можност да бидат прекинати ако се изнајде решение за проблемот. Превозниците се надеваат дека ќе успеат да ги натераат инвеститорите од земјите членки од ЕУ кои имаат свој капитал во државите од Западен Балкан, да излобираат во нивните матични земји за промена на правилата за престој на транспортерите.

Во текот на протестот нема да има прекин, односно блокада на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

Во Македонија има околу 2.700 превозници за меѓународен транспорт, а најголемиот дел од увозот и извозот се одвива по копнен пат, што дополнително ја зголемува сериозноста на најавените блокади.