Skip to main content

Седница

Бугарската црква го призна томосот за автокефалност на МПЦ

Синодот на Бугарската црква смета дека МПЦ-ОА треба да се нарекува „Православна црква во Република Северна Македонија”.
 |  инфодеск  | 
Собор МПЦ

Светиот синод на Бугарската православна црква на својата редовна седница под претседателство на бугарскиот патријарх Неофит донел одлука „за признавање на томосот со кој Српската црква ѝ дава автокефалност на Македонската православна црква”, објавија бугарските медиуми.

Според овие написи, Синодот на БПЦ смета дека МПЦ-ОА треба да се нарекува „Православна црква во Република Северна Македонија”. Медиумите јавуваат дека бугарскиот патријарх Неофит во своите диптиси на Божик ќе го вклучи и името на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, но како „архиепископ скопски Стефан”, бидејќи БПЦ „не ја признава титулата со која што вселенскиот патријарх Вартоломеј ги прими во литургиско сослужување архиепископот Стефан и МПЦ”.

Бугарскиот црковен сајт doxologiainfonews.com наведува дека Синодот на БПЦ го оспорува името на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, бидејќи според Статутот на БПЦ „правен наследник на Охридската архиепископија е Бугарска патријаршија”.

На заседанието на Синодот, не било разгледано прашањето за признавање на автокефалноста на Православната црква на Украина доделена од Вселенската патријаршија.

Медиуми во Софија ги критикуваат ваквите ставови на членовите на Синодот на БПЦ оценувајќи дека тие најверојатно се усвоени под влијание на раководителот на Одделот за надворешни работи на Московската патријаршија, митрополитот волоколамски Антониј, кој минатата недела престојувал во посета на Софија и неколку епархии во Бугарија.

Инаку, по одлуката на Вселенската патријаршија за примање во канонско единство на МПЦ-ОА, БПЦ во јуни годинава реши да ја признае нашата Црква и влезе во канонско единство со неа.

Извор/РадиоСлободнаЕвропа