Д-р Шокаровски: Кому му одговара да се уништи успешната приказна на државна кардиохирургија?
Дали и зошто некој сака да ја затвори и уништи Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, праша денеска на прес-конференција разрешениот медицински директор на клиниката, д-р Марјан Шокаровски. Тој во име на целиот стручен колегиум и на сите вработени на клиниката, одлучил да ѝ се обрати на јавноста во врска со работата на оваа клиника поттикнат, како што рече, од невистините, шпекулациите и неговата смена од страна на техничкиот министер за здравство.
„Моето разрешување е незаконско бидејќи во мандатот на техничката влада не можат да се именуваат ниту да се разрешуваат директори. Ги повикувам институциите кои треба да се грижат за законитоста во оваа држава итно да реагираат. Дополнително министерот за здравство го разреши координаторот за развојот на кардиоваскуларната хирургија при министерството за здравство, Александра Ефтимова. Истовремено ѝ го прекина договорот на координаторот за срцевата трансплантација при Министерството Андријана Георгиева. Оттука се наметна нашето прашање, дали се работи за оркестриран напад против Државната кардиохирургија, а со тоа и напад на јавното здравство. Која е потребата на министерот во заминување да направи вакво тектонско пореметување на една успешна приказна? Кому тоа му одговара?“, праша д-р Шокаровски.
Членовите на комисијата кои се назначени од министерот да ја анализираат работата на Клиниката и да ги толкуваат бројките се доктори кои, според Шокаровски, немаат никаков контакт со кардиохирушки пациенти ниту, пак, практично искуство во кардиохирургијата. Додаде дека еден од членовите на комисијата му бил противкандидат за директор на клиниката пред шест месеци, со што се доведува во прашање неговата објективност. Постои наука во медицината која се вика медицинска статистика, одговорна за статистичка обработка на податоците и таа е единствена релевантна област во медицината која може и треба да ги даде процентите рече тој и изнесе податоци со цел јавноста да ја добие вистинската слика. Во јули 2023 година објавено е дека се оперирани 12 пациенти, податок кој не е точен зашто, како што рече, биле оперирани 22 пациенти, за август податокот е дека се оперирани 11, а оперирани се 14 пациенти, за октомври податокот е дека се оперирани осум, а всушност се оперирани 16 пациенти, наведе Шокаровски.
„Очигледно изворот на податоци ги довел во заблуда и им дал погрешни бројки а тие не се потрудиле да ја слушнат другата страна што е основен принцип во објективноста на информирањето. Токму поради ова направивме сопствена експертиза статистичка. Не е точно дека се зголемила смртноста откако сум јас назначен за раководител на институцијата. Прецизната статистичка анализа покажува дека нема значајно зголемување на смртноста од една страна, а има значајно зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20 отсто. Последните 5 месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, односно подобри сме од она што се очекува“, – кажа разрешениот директор.
Информациите за наводни 170 фантомски пациенти кои не постоеле во системот на Мој Термин, д-р Шокаровски најостро ги демантираше.
„Најостро ја демантираме оваа невистина. Всушност нашата анализа и контакти со мој термин, покажуваат дека постои техничка грешка во пренесувањето на информациите од софтверската платформа која ние ја користиме за евиденција на пациентите до мој термин. Дел од пациентите кои се третирани на нашата клиника, нивните отпусни писма не се пренесени во Мој термин поради овој софтверски пропуст. Единствена законска обврска е пишаниот документ. Мој термин не го користат ниту приватните болници. Тоа не значи дека овие пациенти се скриени, или фантомски или избришани, како што тврди министерот. Сите тие имаат уредни, детални отпусни писма, што секако може да се провери.“ -потенцира д-р Шокаровски.
Шокаровски потенцира дека единствено на државна кардиохирургија се изведуваат повеќе комплицирани кардиохируршки интервенции, меѓу кои и трансплантацијата на срце, на која, како што посочи, сите треба да сме горди.
„Кога сме кај статистиката околу трансплантацијата, процентот на преживување е подобар од светскиот просек. Некои подмолни сили сакаат овој напредок да го омаловажат и да го релативизираат“, рече тој.
Директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски, пред два дена беше разрешен од функцијата од страна на министерот за здравство Илир Демири, кој рече дека според податоците што стигнале до него, имало 170 пациенти кои не се внесени регуларно во „Мој термин“ и немаат отпусно писмо или прилог кон умреница, а таквата бројка според него можело да ја промени и вредноста на исходот за смртноста. Другата причина за разрешување на директорот, според техничкиот министер во заминување, биле крајно нарушените меѓучовечки односи во клиниката.
фото: скриншот