Skip to main content

Да беше жив Тоше Проески денес ќе полнеше 45 години

Ангел со глас што не старее – се сеќаваме на Тоше Проески
 |  инфодеск  | 
Тоше Проески

Македонската легенда Тоше Проески, да беше жив, денес на 25 јануари, ќе дуваше 45 свеќи на тортата. Иако за многу фанови на Тоше Проески времето застана во 2007 година, тој сè уште живее преку неговите песни и дела.

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговите родители уште во раното детство го препознале музичкиот талент и го насочиле кон уметноста. Како дете настапувал на фестивалите „Златно славејче“ и „Мелфест“, уште пред официјално да ја започне својата музичка кариера.

Тоше соработуваше со бројни истакнати автори и изведувачи од регионот, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Антонија Шола и Тони Цетински. Неговата дискографија остави длабока трага, а албумот „По тебе“ се смета за едно од најуспешните поп-изданија на Балканот.

Неговата сестра Дора, со која беше многу близок, денес традиционално го одбележа неговиот ден со торта, на која за жал тој веќе не може да ги дувне свеќите. Таа објави фотографија од бела торта, украсена со златни детали, меѓу кои крстови, но и неговиот препознатлив потпис, како и златни свеќички со бројот 45.