Данило Тирк во посета на Македонија
Претседателот на Словенија, Тирк и бизнис делегација во дводневна посета на Македонија.
По пречекот со највисоки државни и воени почести пред платото на Собранието, претседателите Црвенковски и Тирк ќе имаат тет-а-тет средба. Како што соопшти Кабинетот на Црвенковски, на средбата ќе се разговара за можностите за натамошно унапредување на билатералните односи и соработка во сите сфери од заемен интерес. Се очекува акцентот во разговорите да биде ставен на искористување на потенцијалите за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји. Црвенковски и Тирк на средбата ќе разговараат и за македонските евроатлантски интеграции и поддршката што Словенија и ја дава на Македонија, но и за состојбата во регонот.
Претседателот на Словенија ќе оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.
Како што е најавено претседателот Црвенковски и претседателот Тирк денеска ќе се обратат и на средбата помеѓу македонските и словенечките стопанственици во скопскиот хотел „Александар Палас“. На оваа средба ќе говорат претседателот на Стопанската комора на Макеоднија Бранко Азески, како и претседателот на Словенечко-Македонскиот бизнис клуб, Дамир Кудер.
Од словенечката Амбасада информираат дека претседателот Тирк доцна попладнево ќе се сретне и со претставници на словенечката заедница во земјава и со студенти од Филолошкиот факултет во Скопје, кои ќе добијат гратис визи за Словенија.
{loadposition content9}