Skip to main content

Децата први на удар од смогот

Алармот е вклучен, матичните лекари деновиве будно ја следат состојбата и информираат дека има благ пораст на болестите на дишните патишта кај школските деца и децата од градинките, бидејќи тие во моментов се најосетливата категорија.

Skopje
Скопје

Загадувањето на воздухот во скопскиот, тетовскиот, кичевскиот и битолскиот регион предизвика зголемување на тегобите кај хронично болните лица кои имаат пулмолошки или кардиоваскуларни проблеми.Како што потенцираат од скопската итна медицинска помош, деновиве, кога е актуелно загадувањето на воздухот, медицинските екипи регистрираат и од 90 до 110 јавувања во текот на едно деноноќие.

Skopje– Олкав број јавувања е вообичаено за овој период од годината, бидејќи декември е карактеристичен за овие проблеми. Не очекуваме во наредните денови да има драстично зголемување на јавувањата, бидејќи сметаме дека граѓаните се свесни за последиците и дека ќе ги почитуваат препораките и на лекарите, но и владините мерки – вели Маја Поповска, раководител на Итната медицинска помош.

Алармот е вклучен и кај матичните лекари. Тие деновиве будно ја следат состојбата и информираат дека има благ пораст на болестите на дишните патишта кај школските деца и децата од градинките, бидејќи тие во моментов се најосетливата категорија.

-Климата е драстично сменета, нема снегови, ветрови и во сите котлини има застој на воздухот, што предизвика и зголемено загадување – вели Лидија Чолакова – Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија. Таа смета дека во Скопје треба повеќе да се практикува групно возење, а не во секој автомобил да има по едно лице.

Skopje-Ние како здравствени работници, исто така, имаме проблеми од загадувањето. Многу од нашите колеги кои се на возраст над 60 години или пак бремените колешки одат на работа и покрај владините мерки со коишто тие се ослободуваат во овие три дена. Тоа се должи на природата на нашата работа, пациентите не можат да чекаат, особено сега кога лекарите им се најпотребни – објаснува Чолакова – Дервишова.

Во услови кога загадувањето во неколку општини во земјава е алармантно, Владата одлучи до сабота, 21 декември, ослободени од работа ќе бидат бремените жени и лицата над 60 години. Градежните работници да работат само во периодот од 11 до 17 часот, а товарни возила да не се движат во периодот од 7 до 21 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи нивното движење по обиколницата. Во другите градови се препорачува низ центарот да се движат само возилата коишто пренесуваат леб и лекови.

Инспекторатите треба да бидат на терен и да вршат засилена контрола на компаниите и капацитетите што имаат А и Б-еколошки дозволи, а контрола да има и кај автосервисите и помалите сервиси кои користат масло за греење. Препораки има и до градинките, основните и средните училишта да не изведуваат активности на отворено, а Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап кон старите лица, бездомниците.

Инаку, вчера со соопштение се огласи Балкан енерџи груп, компанијата која испорачува топлинска енергија на околу 50.000 корисници во Скопје. Тие предлагаат, за да има намалување на загадувањето во градот, надлежните институции да донесат мерки во насока на приклучување кон системот на централно греење на јавните, деловните и приватните субјекти кои имаат приклучок или достапност до топловодната мрежа. Тие сметаат дека главен извор на загадувањето на градот Скопје е согорувањето на фосилни горива како мазут, нафта, јаглен, како и дрвата што се користат при затоплувањето на станбените и деловните објекти. Околу 36% од потрошувачите се затоплуваат на централно греење, а од останатите 64% безмалку половина се затоплуваат со фосилни горива и дрва.Ваквите мерки се, исто така, во насока на заложбите на Владата на РМ за гасификација на Република Македонија и зголемување на употребата на природниот гас како најчист енергенс.

{loadposition content9}